ФК Вардар доби нов генерален спонзор, – официјаллно договор со „Новоматик Македонија“
На голема радост на фудбалските навивачи, македонската фудбалска гордост ФК Вардар денеска доби генерален спонзор со официјално потпишување на договор за соработка.
Претставникот на светски реномираниот aвстриски бренд во игрите на среќа Новоматик Македонија, одлучи со финансиска програма од 1 милион евра годишно да ги поддржи амбициите на менаџментот, спортскиот колектив и легендарните „Комити“ за враќање на ФК Вардар на старите славни патеки.
Договорот за главно спонзорство беше потпишан од страна на директорот на Новоматик Македонија, Александар Симовиќ и претседателот на ФК „Вардар“, Милорад Миленковски.
„ФК Вардар е вистинска гордост на македонскиот спорт и претставува синоним за фудбалската традиција во регионот и пошироко. Основан во далечната 1947, Вардар е симбол за најголемите македонски спортски успеси. Со освоените 11 национални првенства и 5 национални купови Вардар е најтрофејниот и најпознатиот македонски фудбалски клуб, кој отсекогаш бил расадник на млади таленти кој подоцна доживувале балканска и светска слава. Затоа ни претставува голема чест што на дресовите на овој македонски спортски великан ќе стои логото на нашата компанија. Нема никаква дилема дека поддршката за професионалниот спорт значи и сериозен придонес во правилниот развој и воспитување на младите. Младите генерации гледаат свои идоли во професионалните спортисти и вообичаено се идентификуваат со индивидуалните и колективни спортски успеси. Морам да потенцирам дека лојалноста, посветеноста и борбениот дух на верните навивачи „Комити-Запад“ особено нѐ инспирираа да ја донесеме оваа важна одлука. Искрено веруваме дека ова наше партнерство ќе донесе нова ера на спортски успеси на Вардар, кои долго ќе се паметат. Ќе бидеме среќни ако оваа наша одлука биде мотив и за други компании да го следат нашиот пример и да дадат свој придонес во развојот на македонскиот спорт, кој е многу важен сегмент за среќна и задоволна нација“, истакна Марија Митревска, претставник на Новоматик Македонија.