Продолжуваат заканите до Васил Стерјовски од Виктор Стојанов
Претседателот на бугарската фондација „Македонија“, Виктор Стојанов, продолжува со своите закани до претседателот Македонска алијанса за европска интеграцијата, МАЕИ, Васил Стерјовски, поради изјавите дека во Албанија нема Бугари.
Стерјовски, како и другите претставници на Македонците редовно изјавуваат дека во Албанија ниту имало ниту има Бугари, дека бугарските власти и фондации ја користат тешката економска состојба на Македонците, кои за подобра егзистенција се принудени да земаат бугарски пасоши и заминуваат во некоја од западноевропските земји.
Стојанов директно му се заканува дека треба да престане да лаже, да не го попречува правото на национално самоопределување, бидејќи набрзо „ќе биде клиент на Обвинителството во Тирана“ и оти тоа е кривично дело за кое се оди во затвор.
– Македонскиот политичар во Албанија, Васил Стерјовски набрзо ќе биде клиент на Обвинителството во Тирана. Причина: Сее омраза во албанското општество, тврди дека во Албанија нема Бугари и така го попречува правото на национално самоопределување, пишува тој на објава на „Фејсбук“.
И претходно тој му се закануваше на Стерјовски, при што во објавата, пред објавување на резултатите од пописот, му порачува „да не бидат Бугарите побројни“.
Стојанов, навредувајќи го Стерјовски, рече дека ќе одговара пред судот и полицијата за изјавите во медиумите дека „нема Бугари во Албанија“ .
– На 28 јуни Тирана ќе ги објави официјалните резултати од пописот. Да не испадне дека Бугарите како број во Албанија се два пати повеќе од Македонците?, напиша Стојанов на „Фејсбук“ на 13 јуни 2023 година.
Според МАЕИ, во видео објава на денот на објавувањето на резултатите на пописот на 28 јуни, Виктор Стојанов вели: „Северна Македонија, официјално како држава, како и политичари на Северна Македонија, северномакедонски политичари, долго време во медиумите користеа говор на омраза кон бугарската нација и народ, кон бугарската држава и го негираа правото на етничкото самоопределување на Бугарите во Албанија кога изјавуваа дека во Албанија нема Бугари и оти бугарската држава давала пасоши или ги продавала. На прво место највиновен е Васил Стерјовски кој е жител на Република Албанија. Тој е Македонец по самоопределување, ние го признаваме тоа негово право и е македонски политичар во Албанија. Тој човек сега ќе биде даден во обвинителството во Тирана затоа што документирано во средствата за масовно информирање тој има десетици изјави каде кажува дека во Албанија нема Бугари, кажува во видео објавата Стојанов.
МАЕИ остро реагираше и во однос на пописните резултати, кои ги оцени како фалсификувани и манипулирани и дека процесот на пописот во Албанија беше контролиран од страна на Бугарија и бара нов попис под меѓународен мониторинг.
– Воопшто не сум изненаден од реакцијата на Стојанов кој постојано во изминатите години упатува закани до мене и други активисти на МАЕИ. Ќе продолжиме и како активисти на Македонците и како партија да ја кажуваме и да се бориме за вистината. Дека Бугари немало на албанска територија потврдуваат и историските и сите до сега пописи. Биле само како окупатори за време на Првата и Втората светска војна кои сееле страв и смрт меѓу Македонците и во Албанија, рече за МИА, Стерјовски.
На Стојанов по силните реакции на МАЕИ до албанските и меѓународните институции и албанската јавност, во Албанија му е забранет влез, но откако заврши пописот на населението.
Претходно Стојанов упати закани и кон новинарот Александар Видиновски за репортажа за Македонците во Албанија.