Репортажа на германски „Билд“: Елмас заработува милиони, ама летно време „продава“ сладолед во Автокоманда (ФОТО)

Додека најголем дел од најдобрите европски фудбалери беа или се уште се дел од Европското првенство (ЕП) во Германија, нашиот најдобар фудбалер, Елиф Елмас, без разлика што Македонија не учествува на овој собир има работни обврски, но малку поинакви од останатите негови колеги.

Ова на своите читатели им го презентира германски „Билд“, кој направи специјална репортажа за македонскиот фудбалер и за неговите „обврски“ поврзани со бизнисот по кој неговото семејство е познато во Скопје. Весникот открива дека Елмас деновиве ги минува помагајќи му на својот татко во семејната слаткарница „Мандарина“, која се наоѓа во скопската населба Автокоманда.

„Уживам кога сум во татковината, макар и на кус период. Тука се опуштам и ја разбиструвам главата. Голем удел во сето ова има фактот што деновите ги минувам помагајќи му на мојот татко во слаткарницата. Таму не мислам на ништо друго и навистина уживам во времето поминато со него“, вели Елмас.

Според германскиот медиум, Елмас тајните на слаткарскиот занает ги научил многу пред да ја почне својата професионална кариера, која се вивна откако челниците на Фенербахче лично дојдоа во Скопје да го убедат да се пресели во Истанбул во 2017 година. Потоа се пресели во Наполи, а оттаму лани направи трансфер во Лајпциг и тоа за сума од 24 милиони евра. Тој открива дека и покрај обврските во слаткарницата, не пропушта секој ден да истренира напорно.

„Секој ден вежбам, постојано давам се од себе за да можам сто отстотно да бидам подготвен за стартот на подготовките на Лајпциг“, дополни македонскиот репрезентативец.

Обврските на Елмас во „Мандарина“, за жал на купувачите кои уживаа во дружењето со големата фудбалска ѕвезда, ќе завршат утре, со оглед што веќе в понеделник треба да се врати во Германија каде што почнува со тренинзи. Негова цел е да го искористи фактот што најголем дел од соиграчите во средниот ред имаат обврски на ЕП па подоцна ќе почнат со тренинзи, што ќе биде негова шанса за наметнување на стручниот штаб.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by BILD (@bild)

Comments are closed.