Во „Македонија пат“ се запалил нов камион со поминати 150 км, заборавиле да го осигураат каско
Одржувањето на магистралните и регионалните патишта е во опасност поради сериозните финансиски предизвици на Јавното претпријатие, покажува конечниот ревизорски извештај на „Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта“ што денеска го објави Државниот завод за ревизија за 2022 година.
ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта, односно „Македонија пат“, се наведува во извештајот, 12 години континуирано работи со блокирана сметка и основната дејност ја извршува во рамки на месечните лимити, кое има клучно влијание на квалитетот и континуитетот на извршување на дејноста.
– ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта, 12 години, односно од 2012 година до денот на известување за спроведената ревизија, јавната дејност која е од суштинско значење за јавниот интерес и безбедноста на граѓаните, ја врши со сметка која е блокирана поради извршни решенија за наплата на неподмирени обврски. Согласно податоците од носителот на платниот промет, на крајот на 2022 година сметката на ЈП е блокирана за обврски во вкупен износ од 663 милиони денари, соопштија од ДЗР.
Во извештајот е констатирано дека ЈП низ годините има тренд на зголемување на обврските кон добавувачи во земјата како резултат на зголемена активност во делот на одржување и заштита на државни патишта, односно поради изградба на нови делници, зголемени трошоци за набавка на нафта и нафтени деривати, како и растот на цените на стоките и услугите.
Во 2022 година, трошоците за бруто плати на вработените во Јавното претпријатие изнесувале околу 390 милиони денари односно 6,3 милиони евра, што е зголемување од приближно 34 милиони денари во споредба со 2021 година, кога изнесувале околу 356 милиони денари. Ова зголемување се случило и покрај намалувањето на бројот на вработени од 840 на 796. Причината за зголемените трошоци е измената на Правилникот за плати и наградување, со која се зголемил бројот на бодови за пресметување на платите. Оваа измена е усвоена од страна на Управниот одбор и почнала да се применува од јуни 2022 година, но Јавното претпријатие не добило согласност од основачот, односно Владата за оваа одлука, што не е во согласност со законските прописи.
Обврските кон добавувачи во 2018 година се во вкупен износ од околу 480 милиони денари, додека во 2022 година бележат зголемување и изнесуваат 966 милиони денари.
Исто така тренд на зголемување бележат и обврските по извршни решенија кои во 2018 година изнесуваат околу 324 милиони денари, додека во 2022 година нивниот износ е над 467 милиони денари.
Исто така, како што стои во извештајот, е констатирано дека одговорното лице во претпријатието не ги осигурало градежни објекти и средствата со кои располага, во вредност од приближно 2 милијарди денари, односно 32.4 милиони евра, а кои се изложени на ризици.
Од јуни до декември 2021 набавени се 15 специјализирани возила за чистење снег, во вредност од 177 милиони денари, од кои едно возило, дваесет (20) дена по приемот и само 150 км изминати, било опожарено без да биде каско осигурено, а пак фабричката гаранција не била искористена. Тужбата за надомест на штета била поднесена две години по пожарот односно на ден 27.12.2023 година.
– Полнењето на возила со гориво се врши со пумпи, чии мерила подолг временски период не се верификувани/ баждарени. Со исклучок во две подземни цистерни, приемот на гориво се врши во т.н. надземни пластични и метални контејнери. При користење на горивото вработените го преточуваат во туби и канти. Од извршениот теренски увид ревизијата констатира дека овој начин на прием, складирање, ракување и издавање на горивото ја загрозува безбедноста и здравјето на граѓаните и неповолно влијае на животната средина и во исто време постојат ризици во однос на начинот на користење на нафтените деривати, се вели во ревизорскиот извештај.
Од извршениот теренски увид во Секциите Струга и Охрид ревизијата утврдила дека не се обезбедени соодветни услови за чување на залихата на сол за зимското одржување на патиштата, со што истата поради подложност на надворешни влијанија губи од своите физички својства, квалитет и се предизвикува отежнато користење.