Повеќе нема да има „каубојски“ вработувања на Токсикологија, најави новиот директор на Клиниката проф. д-р Андон Чибишев
Новиот директор на Клиниката за токсикологија, Андон Чибишев денеска информира дека новото раководство на Клиниката нема да се занимава со реваншизам, прогон на неистомисленици и со правење опструкции. Најави дека нивен приоритет ќе биде подобрување на условите на Клиниката за работа, набавка на нова медицинска опрема, воведување нови протоколи на лекување и подобрување на комуникацијата со медиумите и останатите здравствени институции.
За 18-те вработени кои повторно добија договори за ангажман додека траеше драмата на Токсикологија, Чибишев вели дека работеле со незаконски договори и со тоа се внесувало немир и конфликти меѓу вработените. Од денес тие повеќе не работат на Клиниката. Истакна дека лицата незаконски престојувале во институцијата со невалидни договор и добивале плата.
Со тоа Буџетот на Клиниката е оштетен за околу 650 илјади денари. Секој денар ни е важен. Целиот случај го документирав и ќе биде процесуиран пред надлежните институции, кажа новиот директор на прес-конференција со медиумите, додавајќи дека повеќе нема да има „каубојски“ вработувања и ќе се вработуваат сите според законите на државата, односно преку конкурс.
Чибишев информира и дека претходната економска директорка Бесија Иљази „не му оставила големи проблеми“.
Добро е што е сменета и си отишла дома. Не сакам веќе да мислам и да се занимавам со минатото затоа што ќе ми помине мандатот во занимавање со тоа што се случувало седум години, рече д-р Чибишев.