Самарас побара грчко вето за Албанија и Скопје за патот кон ЕУ

Поранешниот грчки премиер Андонис Самарас го повикувал премиерот Кирјакос Мицотакис веднаш да одлучи да ја промени надворешната политика:

„Да стави вето за Албанија и да подготви повлекување од национално опасниот Договор од Преспа’ пренесе МИА.

„Да стави, како Бугарија, вето на секој чекор на Скопје, чиј иредентизам мораме сега и насекаде да го пријавиме. Целосно да се ревидира пријателството со Турција, со што во пракса ќе стане јасно дека не може да не уценуваат, да ни се закануваат“ рече поранешниот министер еден од „јастребите“ на анти-македонската поитика во Грција во деведесетите.

Тој упати остри критики до неговиот сопартиец и актуелен претседател на Владата на Грција Кирјакос Мицотакис за низа теми во земјата, почнувајќи од изгласаниот закон за истополовите бракови, па сè до т.н. национални прашања, за кои рече дека Грција постојано е на мета на навреди и понижувања, „од Скопјаните, Албанците и секако „пријателите“ Турците“.

„ Предупредив и за потребата од наше постепено повлекување од срамниот Договор од Преспа, кој Скопје од почетокот не го почитуваше како што не ја почитуваа ниту Времената спогодба на Андреас Папандреу.

Добро ми е познато што значи вршење притисок од „пријатели“, секако за нивен интерес. И на Костас Караманлис му беше извршен, но во Букурешт рече „не“. И мене ми беше извршен, но ги пресеков од почеток и никогаш не го повторија тоа, рече Самарас.

Според него, „Договорот од Преспа е тој што го храни национализмот и аспирациите на некои комбинации на сили на Балканот“, додавајќи дека токму ова било цврстото мислење на основачот на Нова демократија, Константинос Караманлис, повторувајќи ја неговата изјава „Македонија е една и таа е грчка“.