Стефан Богоев најавува распад на СДСМ или нови независни листи
Новиот претседател на СДСМ мора веднаш да почне со сеопшто обединување, особено генерациско!, порачува потпретседателот на партијата Стефан Богоев пред вонредните внатрепартиски избори за лидер, кои ќе се одржат оваа недела.
Доста од муабети „млади сте, имате време“ или „ај бе тој е стар, што бара сега“ и „скопско, струмичко, прилепско“ и не знам какво крило.
Обединувањето мора да оди со давање шанса на способни и лојални луѓе на сите нивоа, од раководство и ЦО, до општинска и месна, без разлика дали некој тие луѓе ги смета за „мои луѓе“ или не! Кога членството ќе види такви луѓе на позиции, ќе се роди надеж и луѓето повторно ќе се вратат во партијата.
Во спротивно, од СДСМ може да произлезе нов политички субјект (покрај ЗНАМ) или десетици независни листи за советници по општините на локални, исто така произлезени од и на штета на СДСМ.
Тоа за нашата партија ќе биде фатално.
Затоа, процесот на обединување мора да почне веднаш бидејќи време немаме, а нема ни новиот претседател кому мандатот секако ќе му биде до март 2025та година, а дали ќе добие нов или не ќе зависи токму од успешноста на овој процес.
Да живее обединета СДСМ, вели Богоев.
Дека работите во партијата се доведени до точка на вриење по големиот пораз на претседателските и парламентарни избори, покажуваат и последните настапи на кандидатите за лидер и коментарите од високо позиционирани луѓе во партијата.