ЗАТВОРЕНИ УЛИЦИ НИЗ СКОПЈЕ поради „Парада на гордоста“
Денес од 15:00 часот во централното градско подрачје во Скопје ќе има посебен режим на сообраќај поради одржување на „Парадата на гордоста“.
Денес во 17:00 часот ќе се одржи настанот „Парада на гордоста“ во централното градско подрачје во Скопје. Од тие причини, Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје, почнувајќи од 15:00 часот, ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје, соопшти МВР.
Од МВР апелираат до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот.
Организаторите на денешната Парада на гордоста“ на социјалните мрежи објавија препораки за посетителите на Парадата.
❌Поради безбедносни аспекти, препорачливо е постојано да се движите во помали или поголеми групи во и надвор од зоната на Прајдот. Исклучително е важно по заминувањето од зоната на Парадата (стадион на АРМ) или во било кој момент кога ќе одлучите да напуштите, тоа исто така да го направите со придружба и од себе да ги отстраните сите видливи обележја, симболи, знамиња и визуелни материјали што асоцираат на Парадата.
🗺️Движете се постојано по рутата на парадата и во насоката по којашто маршираат присутните. Доколку не присуствувате на настаните на стадионот на АРМ, движете се без никакви видливи обележја или знамиња.
🫂Бидете во контакт со луѓето со коишто сте дошле заедно и бидете постојано заедно. Доколку доаѓате сами, пристапете кон група на луѓе, запознајте се и поминете го овој ден со нив.
🗣️Избегнувајте секакви провокации од страна и не реагирајте на нив. Не се впуштајте во конфронтации, туку само дистанцирајте се и пријавете го случајот во полиција.
❌Забрането е внесување на остри и стаклени предмети, пиштоли на вода или било какви предмети од сличен тип, балони, пиротехника и оружје.
🌊Препорачуваме со себе да носите удобни чевли, вода, крема за заштита од сонце и средство за заштита од убоди на комарци.
🪩Влезот во Стадионот на АРМ е до 23:00.
💸Препорачуваме плаќање со картичка во делот за храна и пијалоци на Стадионот на АРМ или пак со точна сума на кеш.