Мицкоски: „ЗАСУКАЈТЕ ГИ РАКАВИТЕ НÈ ЧЕКА РАБОТА, Македонија ќе ја вратиме на народот!
Честа е огромна да се одбележи создавањето на партијата која со своето постоење се вгради во создавањето на независна Република Македонија и над 30 години е сопатник низ сите премрежја, искушенија и големи радости, таги и прослави на нашата татковина, рече во своето обраќање претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по повод 34-от роденден на партијата.
Честа е огромна да се одбележи создавањето на партијата која со своето постоење се вгради во создавањето на независна Република Македонија и над 30 години е сопатник низ сите премрежја, искушенија и големи радости, таги и прослави на нашата татковина, рече во своето обраќање претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по повод 34-от роденден на партијата.
Во продолжение во целост ви го пренесуваме неговото обраќање:
На денешен ден пред точно 34 години се создаде ВМРО-ДПМНЕ кој не беше само природен порив на македонскиот народ за автентично политичко организирање во зората на распаѓањето на Југославија и потребата за осамостојување на Македонија, туку ВМРО-ДПМНЕ беше и природен порив на многу македонски семејства кои страдаа, беа подложни на прогон во комунистичкиот режим, но секогаш сонуваа и се бореа за своја независна држава, на тој начин сочувувајќи го огнот на историското ВМРО за своја држава, за слобода, за свои институции, знаме химна, банкноти, за татковина која е вистински дом, или со други зборови, конечно, по столетната битка, да се биде свој на своето.
ВМРО-ДПМНЕ е концепирано како сублимат на таа битка за слобода и верување во идејата за Македонија. Затоа сите наши расправи, дебати и размена на ставови низ историјата биле толку бурни исполнети со јавни дебати, емоции и верувања.
ВМРО-ДПМНЕ имала и свои блескави моменти, и моменти на сериозни искушенија но никогаш во минатото, сега или во иднината не смее и нема да се случи да отстапи од идејата за Македонија.
Да не заборавиме и на времето кога постоеше стремежот на македонскиот народ во минатиот систем за своја партија. И не е сеедно, или неважно, и никако не смее да се става под тепих или да се забораваат позициите и идеолошките разлики меѓу македонската левица која во тоа време се уште сонуваше за распадната Југославија и бараше продолжување на сојузот на држави за кои беше јасно дека е клинички мртов, и македонската десница претставена и организирана од ВМРО-ДПМНЕ која бараше самостојност и чиста независност. 17 јуни е датумот кога ВМРО-ДПМНЕ го почна обновениот живот и на историското ВМРО како прирореден наследник на идеалите кои оваа организација веќе точно 131 година ги носи од нејзиното основање во 1893-тата година.
Затоа нашето име е Внатрешна Македонска Револуционерна Организација Демократска Партија за Македонско Национално Единство која во себе го носи поривот на народот за слобода, независност и силна држава Македонија. Во историски контекст мисијата која ја носи ВМР0-ДПМНЕ е и помирување и обезбедување на единство на сите различи групи и страни со цел да се постигне единство, но тоа никогаш не значи и заборавање на ударите кои беа дадени од левицата кон супстратот на македонското ткиво за своја држава, тие голи отоци, прислушкувања, следења, досијеа, жигосувања и брутална пресметка со македонската интелигенција каква што никогаш десницата не се однесувала така неодговорно кон нашите национални и државни интереси и никогаш не посегнала кон разградување на идентитетскиот код.
И денес од Велес, изразувам длабока почит и голем поклон кон сите кои страдаа и беа репресирани поради јасните чуства и патриотската определба да се сака и да се борат за Македонија. Нивните наследници и потомци треба да знаат дека ја имаат мојата почит и признанието од ВМРО-ДПМНЕ за влогот и жртвата која нивните блиски ја направија за идејата од која се роди Македонија.
Воедно ВМРО-ДПМНЕ беше активната страна која учествуваше во создавањето на Републиката. Тоа се десетици, стотици илјадници имиња и презимиња. Мудри глави, искрени и чесни патриоти кои поминаа низ нашите структури и учествуваа во првиот парламент, во првата влада, во сите наредни состави и активно работеа во живеењето на македонската држава.
Во тој контекст посебно е чуството да ја слушате приказната за битката на таа генерација, и сонот кој и ние како многу млади луѓе во тој период го имавме. Го имавме затоа што имаше од кого да ги слушнеме заветите на плејадата претходни генерации и славни битки за слобода од илинденскиот период па до денес. Сонуваме со нив, и мечтаеме и за нашето време кога ќе ја имаме можноста и приликата да создадеме за нашата татковина и за нашата иднина.
ВМРО-ДПМНЕ никогаш не било партија на тесните клики, на елитите, а секогаш кога се појавувало тоа како тенденција било отфрлано од членството како неприродно ткиво кое не е дел од големиот организам кој ја движи партијата.
Библијата вели со каква мера судиш, со таква ќе ти биде судено. А на историските факти и околности треба да се гледа со објективна разумност, и без субјективни вреднувања на настаните. Јас како сегашен лидер сум застапник на тезата дека ниту еден фрлен камен наназад не ја создава иднината нанапред. И во тој контекст ВМРО-ДПМНЕ имала многу светли моменти, брилијантни чекори овие 34 години кои не направиле горди, ни го зајакнувале чувството на достоинство и гордост, но исто имало и моменти кога се грешело, кога се имало политики кои не секогаш биле разбрани на правилниот начин или биле толерирани поединци кои нанесувале штета, но како актуелен претседател ќе се однесувам со еднаква почит кон секој претходен претседател на ВМРО-ДПМНЕ и кон Љубчо Георгиевски и кон Никола Груевски, без оглед на тоа колку се далечни или блиски нивните ставови со она што е ВМРО-ДПМНЕ денес, најважно е што ВМРО-ДПМНЕ обединета, силна и останува она што била отсекогаш-партија на народот.
Партија која му припаѓа на членството. Затоа што ВМРО-ДПМНЕ не се овие костуми и вратоврски кои ги носиме, ниту просториите кои ги имаме, туку духот и жарот на оние браќа и сестри по комитетите, месните штабови, и народот кој не пратеше и поддржуваше по улиците. Тој непрегор и вулкан на душата и умот кој со голема енергија и љубов се бореше Македонија да ја вратиме кај народот и да биде повторно наша заедничка и единствена, и тоа е битка која сега зависи само од нас, и стремеж во кој ние немаме опција да не успееме.
И тука пред вас, до секој еден член кому партијата искрено му е дом и му значи многу можам да кажам – среќен роденден ВМРО-ДПМНЕ!!!!
Нека е вечна идејата и каузата, уште многу години борба и посветеност за Македонија.
Драги пријатели, за неколку дена Македонија ќе ја добие новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Во изминатиот период кога се договараше оваа влада внимателно ги следев оние пораки од одредени политички центри од новата опозиција дека премногу им се дало на коалицијата Вреди што е ноторна измислица, замислете тие кои коленичеа во Речица кои 7 години беа главни измеќари на ДУИ нам кои повративме најмалку три четвртини од позициите кои ги изгубија ни велат дека сме дале премногу. Нека биде и така. Сакам да кажам дека ние не даваме, ниту земаме, затоа што Македонија е заедничка држава и се додека албанските и другите коалициони партнери работат по закон и во интерес на државата ќе бидеме еднакви партнери во Владата. Ако било кој застрани со криминални или други агенди ќе биде веднаш санкциониран кој и да е, вклучително и од нашата партија и ќе биде повикан на одговорност. И нема да дозволам ВМРО-ДПМНЕ да стане тоа што беше и е СДСМ, ниту па ќе дозволам Вреди да стане тоа што беше ДУИ. Ќе има работа, но и одговорност. И тука никој не треба да има дилеми.
И колку и да се обидуваат поразените конкуренти да го одвлекуваат вниманието од вистинските теми, да прават диверзии, чудно да откажуваат кислородните компресори во хируршките сали и да нема операции, да снемува документи по институции, да се измислуваат медицински факултети по приватни фирми на кадри на ДУИ преку ноќ, треба да знаат дека ќе ги решаваме сите проблеми, со голема посветеност. И додека тие се однесуваат како разгалено дете кое мисли дека го има природното право на фотелјата дадена од народот, додека не бираат зборови и навреди да го омаловажат секој наш чекор, јас одбирам да не се занимавам со нивните валканици, туку да го реализираме она што го ветувавме пред изборите. И ете ги првите две ветувања. ДУИ заедно со нивниот изведувач оди во опозиција и имаме нов закон за организација на владата кој е донесен со двотретинско мнозинство.
Јас повикав овој закон да се гласа од сите пратеници во име на довербата која народот ни ја даде во огромно мнозинство пред само еден месец. Покажавме дека можеме да обезбедиме поддршка и дека ВМРО-ДПМНЕ за клучните процеси се однесува одговорно и државнички, а се сеќавате каква беше кампањата дека сме немале коалициски капацитет, дека не не сакале странците и што ли уште не измислуваа, а вистината е сосема спротивна на тоа.
И знам дека состојбите во СДСМ се очајни. И нема да зборувам дека она што сега се случува во некогаш големата СДСМ е разочарувачка фрагментираност до најситните делови со кои управуваат деспотите кои го закопаа СДСМ, но треба да знаат дека сето тоа мешање, сите тие пеколни планови и удари кои тие мене ми ги задаваа додека се борев за стабилизирање на ВМРО-ДПМНЕ, тие непринципиелни коалиции и преговори под маса, јас нема да ги правам и нема да им работам позади грб, ниту ми паѓа на памет да им се мешам.
Тие од мене, како претседател на партија која посакува и работи за македонско национално единство имаат подадена рака за дијалог за сите крупни прашања за државата и од важност на граѓаните.
Им подавам рака за македонско национално единство за сите важни прашања за државата. Посакувам да ги надминат огромните проблеми и да седнеме на маса да разговараме за иднината на нашата татковина. Секако ова никако не треба да го сфатат како амнестирање од одговорноста за криминалите, но значи дека во нив ќе гледам партнер со кого имаме одговорност поради сегашните и идните генерации да работиме на создавање на единствени државни позиции кога станува збор за суштинските прашања од важност за Македонија.
Нема од мене да видите двојни стандарди. Ќе се однесувам согласно Уставот и законите на државата, денес 600 илјади луѓе живеат со 150 денари на ден. И денес над 50 илјади се надвор од образовниот процес. Денес земјоделците имаат проблеми. Учениците завршија учебна година без учебници. Во здравството постои хаос, во болниците се умира чекајќи лекови. Ова се проблемите кои мора да ги решаваме и за кои вистински не гласаше народот.
Нема да подлегнуваме на темите кои не разединуваат и не оддалечуваат. И Македонците, и Албанците, и Турците, и Ромите, и Србите, Власите, Бошњаците и сите останати делат исти маки и проблеми. А јас ќе бидам еднаков за сите.
Ќе имаме набргу нова влада, нови позиции и нови функции. А јас за сите вас имам само една порака – ЗАСУКАЈТЕ ГИ РАКАВИТЕ НЕ ЧЕКА РАБОТА!
Македонија треба да ја вратиме на народот. Да носиме инвестиции, жилаво и напорно да се бориме да го покачиме животниот стандард. Македонија да ја менуваме кон подобро. За вас, за тебе, за вашите поколенија. Преку крупни и силни реформи да покажеме дека Македонија е на народот, не на кликите, елитите и групите кои ја крадеа и парчосуваа.
Нема тајни формули, лажни верувања или суеверија. Рецептот за успехот е работа, чесност и посветеност. Никој од вас овде во салата не смее да застрани.
Не ја прифаќам тезата нормално барем еден да застрани или скршни. Одговорот е дека и тој еден веднаш ќе биде сменет. И при таква ситуација не само што силно ќе ме разочарате, ќе го разочарате народот кој ни даде историски најголема поддршка. Немаме никакви сто дена грејс период, ниту медени месеци, немаме ниту 100 минути. Јас не верувам во такви оправдувања. Мора напорна работа од првиот час, и првиот ден.
Не може никој од вас да има приватни бизниси и да води институции. Или едното или другото. Треба да се одлучите. Службата кон народот бара откажувања. Нема политички бизнисмени ниту бизнис политичари.
Однесувајте се одговорно. Немојте никогаш да останете недостапни за реалниот човек, оној кој го среќававме по пазарите, улиците и малата. За нив вреди да се бориме и да ја вратиме Македонија. Ќе добиете привилегии кои ви ги нуди позицијата, кон сето тоа однесувајте чесно и со голема грижливост и без расипништво. Затоа што тоа му припаѓа на народот, а вашите привилегии не ве прават посебни, туку треба да станете поодговорни затоа што сето тоа е повторно ќе ви кажам е на народот. Ќе треба во народот да гледаме со широко отворени очи и подигната глава, затоа што вашиот неуспех би бил заеднички срам, неуспех нема да толерирам.
Не заборавајте од каде почнавме и колку беше тешко да се издигнеме. Малкумина беа кои веруваа со мене на почетокот, но успехот беше што ја ширевме таа наша верба. Денес ВМРО-ДПМНЕ е најсилната политичка сила што е голема одговорност.
Мора да се работи чесно, транспарентно и отворено. Работете според законот и правилата. Бидете скромни и чесни.
Рузвелт рекол – среќата не се состои во поседувањето на пари и богатство, туку во задоволството да се постигнува успех, и радоста да се остваруваат креативни цели.
Најдобриот начин да се предвиди иднината е таа да се создаде. Промените нема да дојдат ако чекаме некој однадвор тие да ни ги направат, туку ние сме таа промена на која чека народот и ние тоа ќе го оствариме.
Низ сите наши предизвици, некогаш е нормално да се прашуваме и да имаме сомнежи, но го немаме правото да се откажеме, бидејќи Македонците немаат право да губат уште една генерации во чекање и безизлезност.
ЌЕ СЕ БОРАМ ЗА ОСТВАРУВАЊЕ НА СТРАТЕШКИТЕ ЦЕЛИ. Членството во Европската Унија ќе биде нашата цел и добрите релации кон нашите стратешки партнери. Но ние немаме да се загубиме на тој пат преку непринципиелни договори штетни за државата.
Нашиот излез ќе биде нашата работа, нашата иднина ќе биде нашата сила добиена од волјата на народот.
Македонија ќе ја вратиме на народот.
Создаваме Влада која е посветена на враќање на Македонија на нејзиното вистинско место како просперитетна, праведна и динамична демократија.
Нашата носечка цел е да ја обновиме довербата во институциите на државната власт, да ја елиминираме корупцијата и да обезбедиме владеење на правото.
Почнуваме да ја реализираме нашата визија за Македонија која повторно е во рацете на народот, каде секој граѓанин има можност да напредува и да живее достоинствен живот.
Нашата заложба е да ја трансформираме Македонија во нација каде што ќе се слуша гласот на секој граѓанин и ќе се реализира неговиот потенцијал.
Заедно ќе ја вратиме државата од оние кои ја изневерија довербата на народот.
Ќе продолжиме напред со гордост и одлучност, обновувајќи ја Македонија која е повторно ваша – Македонија каде што транспарентноста и отчетноста не се само идеали, туку реалност. Следуваат многу нови и убави работи во првите сто дена. Ветувам беспоштедна работа за нашата заедничка иднина.
Драги пријатели, браќа и сестри,
ВМРО е завет. Завет на многу генерации пред нас кои со својот крвопис го испишаа заедно најславните страници од нашата историја. Плејада мажи и жени кои со својата борба покажаа дека нема ништо посвето од слободата која денес ја имаме и за која мора да се бориме да ја задржиме. Но ВМРО е борба за иднина. Иднина каква заслужува овој народ и каква мораме да ја имаме.
Во изминатите години многумина удираа врз самодовербата на народот. Многумина и сакаа тој да падне во духот и се однесува незаинтересирано. Но Македонија се крева. Доаѓа силата која носи промени и која Македонија ќе ја врати во рацете на нејзиниот најголем и единствен сопственик, тоа е народот.
ВМРО-ДПМНЕ уште многу години ќе пркоси на сите предизвици кои ги носат оние на кои им смета нашиот развој и иднина и силна Македонија. Не заборавајте ВМРО постои за Македонија тоа се сопатници низ времето, најверниот чувар на сонот, заветот и слободата на Македонија.