ДВЕ ГОДИНИ ЗАТВОР за сестрата што изнесуваше цитостатици од Онкологија

Медицинската сестра од Клиниката за онкологија Амела Османовиќ е осудена на казна затвор од две години, затоа што од Клиниката во три наврати, во три различни денови, изнела ампули меѓу кои и цитостатици наменети за пациентите со карцином, а со намера да стекне материјално богатство, објави Слободен печат.

Пресудата во која „Слободен печат“ имале увид е правосилна. Обвинителството барало повисока затворска казна, но Апелација не го уважила таквото барање.

Случајот кој се водеше против 29-годишната медицинска сестра е засебен и не е поврзан со големата истрага за злоупотреба на биолошката терапија на Клиниката, а каде што Јавното Обвинителство сомничи 5 лица меѓу кои и четворица доктори.

И покрај тоа што Османовиќ е осудена на 2 години затвор, таа како сопатничка во автомобил сопственост на машко лице излегла од земјава на граничниот премин Табановце уште пред да почнат судењата, па следствено ѝ е судено во отсуство, не им е достапна на органите на прогонот и нема почнато да ја изржува затворската казна.

За неа немало мерки на претпазливост како одземање на пасошот поради опасност од бегство пред да почне судската постапка.

Кривичното дело за кое е осудена младата медицинска сестра е проневера во службата.

Дел од ампулите се вратени на Клиниката за онкологија откако ги заплениле полициски службеници кои ги пронашле во автомобилот на Османовиќ паркиран пред Клиниката.

Клиниката за онкологија не барала отштета од неа, токму поради овој факт – ампулите биле вратени назад  и биле во исправна состојба