Коцарев: Геноцидните Преспански и Бугарски договор да се раскинат, а државата да ги отфрли додавките пред името „Македонци“!
Договорите со Грција и со Бугарија се две страни од една иста паричка и тие здружно и во синергија водат до исчезнување на Македонците, праќајќи невистинита и бесмислена порака: Македонците се народ без корен, кои постојат од 1945 година, само во границите на денешна Република Македонија
Договорите со Грција и со Бугарија се две страни од една иста паричка и тие здружно и во синергија водат до исчезнување на Македонците, праќајќи невистинита и бесмислена порака: Македонците се народ без корен, кои постојат од 1945 година, само во границите на денешна Република Македонија. Во романот „Процес“, Франц Кафка пишува за бруталниот и ирационален судски систем што го прогонува Јозеф К.: „Јозеф К. сега точно знаеше дека неговата должност беше сам да го дофати тој нож, додека минуваше од рака во рака, лебдеше над него и сам со него да се прободе“. Македонската влада со прифаќање на Преговарачката рамка со ЕУ, всушност, иако свесна за бруталниот и ирационален преговарачки процес, го дофати ножот и се прободе не себеси, туку ја прободе Македонија. Меѓутоа, ние, Македонците, сме народ со милениумска култура и историја, а Македонија претставува колепка на словенската писменост и култура. Токму таа писменост и култура го претставуваат идентитетскиот столб на македонскиот народ и оној што се обидува да го разниша, што го погазува просторно-временскиот континуум на македонскиот јазик и ја ништи македонската култура, што ги продава или ќе ги продава за ситни, лични интереси, всушност прави вистинско злосторство од немерливи размери – идентитетски геноцид. Така, којзнае по кој пат се повторува егзодусот над Македонците, меѓутоа, овој пат – идентитетски и во границите на единствената нивна татковина – вели академик Љупчо Коцарев, член на Македонската академија на науки и уметности, во својата колумна со наслов „Ако не сега, тогаш кога?“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Прободената Македонија е на смртна постела. Нам ни требаат мудрост и решителност да се ревитализираме, да воскреснеме од пепелта, да се исправиме на нозе, нам ни се потребни вистински чекори за понатаму. За кои чекори станува збор? Според моето мислење, тоа се шест чекори: развој, отчетност, одговорност, неменливост, неприфатливост и незаборав.
Прво. Развој – прифаќање на концептот за економски развој што го нуди Комората – концепт којшто се заснова на јасни чекори и политики што треба да овозможат значително забрзување на развојната динамика на македонската економија во наредните десетина години и се базира на пет столба: (1) заокружување на темелните принципи на пазарната економија и јакнење на институционалните капацитети на државата, (2) инвестиции во иновации и човечки капитал, (3) развиена и функционална патна, железничка и енергетска инфраструктура, (4) модерна индустрија и конкурентен извозен сектор, и (5) ЕУ-интеграции и регионална соработка.
Второ. Отчетност – започнување со департизација на институциите, подобрување на внатрешната кохезија и градење доверба кон Владата и кон ЕУ.
Трето. Одговорност – Македонија конечно треба да го сврти погледот навнатре и да се види себеси. Како стигнавме овде? Дали ќе побараме одговорност од властодршците чии постапки доведоа до сегашнава безизлезна состојба? Тргнувајќи од „Конвенцијата за спречување и казнување на кривичното дело геноцид“ (1948 година), во која се наведуваат пет „дејства извршени со намера да се уништи, целосно или делумно, национална, етничка, расна или религиозна група како таква“, повикувајќи се на второто дејство „предизвикување сериозни телесни или ментални повреди на членовите на групата“ (цитатите се преземени од Конвенцијата) и земајќи предвид дека договорите со Грција и со Бугарија и Преговарачката рамка со ЕУ насилното ги ревидираат македонскиот идентитет, македонскиот јазик и македонската историја, притоа нанесувајќи ментални повреди, прашањето дали во Македонија е извршен геноцид (културен, идентитетски или само геноцид) е излишно – ние ја знаеме вистината и бевме (и сѐ уште сме) сведоци на извршениот геноцид. Ако бил извршен геноцид, дали тие што се одговорни за геноцидот не се злосторници? А ако има злосторници, тогаш која е нашата должност?
Четврто. Неменливост – институциите на Република Македонија да донесат документ (по терк на „Декларација за заштита на националните и политичките права и заедничката иднина на српскиот народ“ донесена на 8 јуни 2024 година), со кој ќе се утврди дека името на македонскиот народ е единствено и неменливо и дека се отфрлаат сите наметнати префикси што се додаваат пред именката „Македонци“. Припадниците на македонскиот народ имаат право да се нарекуваат Македонци, без разлика каде живеат во моментов: во Грција, во Бугарија, во Албанија и во целиот светот. Според документот, институциите на Република Македонија треба да дејствуваат обединето и координирано и да вложат напори да ја запрат асимилацијата на Македонците во државите од регионот, но и во целиот свет. Република Македонија треба да одржува односи со припадниците на македонскиот народ преку развивање лични, културни, научни, спортски и други видови врски и односи.
Петто. Неприфатливост – неприфаќање на сите договори со кои се негираат македонскиот идентитет, јазик и култура, што подразбира моментално раскинување на билатералниот Договор со Бугарија и започнување, во подолг временски период, аргументирано да се говори за неправедните, понижувачки, нелогични, бесмислени членови и ставови на договорот со Грција, со цел и тој договор, во скоро време, да се раскине.
Шесто. Незаборав – Владата на Македонија да започне изградба на меморијален споменик и во 2028 година да организира настан „80 години од прогонот на Македонците од егејскиот дел на Македонија“. Во 2023 година, по повод 75-годишнината од прогонот на македонските деца од Егејска Македонија, беше отворена изложба во организација на македонските заедници од Чешка и Полска – резултат на соработката помеѓу инж. Димитри Кирјаковски (македонско-чешки автор, полиглот, преведувач, филантроп и афирматор на македонската културна засебност во Чешка), проф. Георги Гоце Дуртаноски (македонско-холандски калиграф, публицист и истражувач, кој истовремено живее помеѓу Холандија, Германија, Македонија и Летонија) и Петро Алексовски (полско-македонски филмски режисер, снимател, продуцент и активен лобист за Македонија, кој живее, работи и твори во Полска). Водејќи се од фактот дека на споменикот на паднатите британски војници, во Вер-сур-Мер, изграден во 2021 година, се врежани имињата на 22.442 британски војници, предлагам на новоизградениот споменик за незаборав да се врежат (во моментов повеќе од 20.000) имињата на децата прогонети од своите домови во егејскиот дел на Македонија, заедно со македонските топоними на нивните родни места.
На тридневниот настан по повод 80-годишнината од истоварувањето на сојузниците во Нормандија на 6 јуни 1944 година, што започна на 6 јуни 2024 година, Том Џонс ја испеа песната „I Won’t Crumble With You If You Fall“ („Нема да се распаднам со тебе ако паднеш“). Да не дозволиме Македонија да се распадне заедно со политичките елити што паднаа! Во пресрет на триесет и првиот роденден, двајца мажи надвор од градот, во еден каменолом, го убиваат Јозеф К. прободувајќи го во срцето со месарски нож, а неговите последни зборови се „како куче“. Во пресрет на триесет и првиот роденден на независна Македонија, во 2022 година, Македонија беше прободена во нејзиното срце – во македонството со месарски нож – Преговарачката рамка со ЕУ, за што исклучиво се криви македонските политичари. Македонија ќе се крене повторно, нема да се распадне заедно со другите, само ако ги раскине договорите со Грција и со Бугарија. Иво Андриќ ќе рече: „Да се зарази некој со чекање, тоа е најсигурниот начин да се владее со него, тоа значи тој да се направи неподвижен и безопасен, целосно и засекогаш; оваа измама на чекање е потешка од секој затвор и посилна од најсилните окови, бидејќи, со многу среќа и вештина, човек од затвор може да побегне, од окови да се ослободи, но од тие измами (!) – никогаш ни довека“. Време е за мудри и решителни чекори! Време е да се ослободиме од ЕУ-заразата на чекање! Ако не сега, тогаш кога? Ако не развој, отчетност, одговорност, неменливост, неприфатливост и незаборав, тогаш што?
Извор: Нова Македонија