ПЕНДИКОВ МОЖЕЛ ДА СЕ ЛЕКУВА ВО МАКЕДОНИЈА, не морало да се носи во Бугарија, тврди д-р Котевски
Со распит и вкрстено испрашување на сведоци на обвинителството денеска продолжи процесот што пред Основниот суд во Охрид се води за случајот со нападот врз Христијан Пендиков, секретар на поранешниот бугарски културен клуб во Охрид.
Сведокот Зоран Котевски, експерт по судска медицина и криминалистика од ЈЗУ Клиничка болница „Трифун Пановски“ од Битола, го презентираше својот извештај за повредите на оштетениот Пендиков и пред судот рече дека целосно останува на неговите наоди дадени во писмените извештаи од 30 јануари 2023 и дополнувањето на извештајот од 4 мај 2023 година.
Одговарајќи на прашања на адвокатот Димитрија Цобоски, застапникот на одбраната, тој рече дека согласно типот на повредите оштетениот можел целосно и успешно да биде лекуван и во нашите здравствени установи, односно не морал за истото да бара медицинска помош во Бугарија, како што направи Пендиков.
Потоа исто така на прашање на одбраната, експертот посочи дека кај оштетениот се регистрирани три тешки повреди, додека сите останати заедно се водат како телесни повреди.
Исто така Котевски прецизираше дека за настанатите тешки телесни повреди кај оштетениот било потребно да му бидат нанесени најмалку два физички удари, како и дека истите биле нанесени со гола рака.
Тој уште сведочеше дека дополнителната медицинска документација за повредите на оштетениот Пендиков била доставена дополнително до медицински установи од Бугарија, каде оштетениот се лекуваше.
Како што рече тој, настанатите телесни повреди кај оштетениот успешно можат да се лекуваат односно нема да остават трајни последици по неговото здравје.
Во продолжение на процесот, пред Судот сведочеа и Сергеј и Саво Костоски, пријатели на првообвинетиот Илија Спасески од Охрид и познаници на второобвинетиот Борче Ангелов од Битола.
Двајцата пред Судот рекоа дека остануваат на изјавите дадени пред Обинвителството непосредно по настанот, со образложение дека тогаш подобро се сеќавале на случувањата.
Денешното рочиште по предметот продолжи со доказна постапка при која се читаа писмените докази на Обвинителството, записници, пријави, полицискиот извештај од увидот спроведен на местото на настанот, како и лекарската документација.
Следното судско рочиште по предметот судијата Бојан Мартиноски го закажа за 10 септември, за кога е најавено презентирање на доказите на одбраната.
Инцидентот со Христијан Пендиков се случи на 19 јануари минатата година пред угостителски објект во Охрид. Случајот предизвика тензии во односите меѓу Македонија и Бугарија. По неговото лекување во Софија на државна сметка, тој доби бугарско државјанство, што му го врачи бугарската потпретседателка, Илијана Јотова.