Петрова апелира за итен ребаланс на буџет: Нема буџетирано доволно средства за исплати на Мој ДДВ и за плати во јавната администрација

Петрова објаснува зошто ребалансот на буџет беше нејзиниот апел по напуштање на функцијата после изборите.

По 100 дена како дополнителен заменик министер за финансии во техничката Влада, увид во состојбите, теренски посети и средби со граѓани, Елена Петрова даде и свој отчет пред македонскиот народ.

Во него испрати порака дека новата Влада ќе има предизвик веднаш да направи ребаланс на Буџетот, не само за да обезбеди финансирање на мерките од својата програма, туку и за да ги консолидира приходите и расходите, да обезбеди тековно финансирање на Буџетот до крајот на годината, пред сè преку кратење на непродуктивни трошоци и имплементирање цврста фискална дисциплина од првиот момент.

Во изјава за КУРИР, Петрова објаснува зошто ребалансот на буџет беше нејзиниот апел по напуштање на функцијата после изборите.

-Итен ребаланс на буџетот е потребен од неколку причини. Првенствено, да се обезбеди една консолидација на приходната и расходната страна. Зборуваме за буџетскиот план за оваа 2024-та година, каде што немаме консолидација на приходната и расходната страна бидејќи имаме едно големо исцрпување на буџетскиот дефицит. Имаме една проекција колкав треба да биде буџетскиот дефицит за цела година, ние немаме поминато ниту половина година, а имаме искористено односно исцрпено околу 75% од проектираниот буџетски дефицит. Тоа значи дека многу повеќе се направени трошења на расходната страна на буџетот отколку што се собраните приходи, рече Петрова.

Во разговор со КУРИР појаснува дека втората причина за потребата на ребаланс на буџет е што не се испланирани и буџетирани средства што се потребни за до крајот на годината за тековни расходи и во јавната администрација.

-Не само во јавната администрација туку воопшто за јавни услуги кои што се финансираат од буџетот. Наидовме на состојби да определени државни органи и јавни тела немаат обезбедено средства од буџетот кои ќе им бидат потребни и доволни за финансирање на нивното тековно работење до крајот на годината. Во буџетот нема буџетирано доволно средства за исплати на Мој ДДВ. Средствата кои се проектирани, веќе се исцрпени над 70 %, што значи дека на една половина од годината, со следната исплата, веројатно ќе се ицрпат и останатите средства кои се буџетирани и ќе нема понатаму буџетирани средства за следните исплати за Мој ДДВ, кои што граѓаните ги очекуваат. Нема буџетирано доволно средства ниту за платите во јавната администрација. Бидејќи не се буџетирани доволно средства тоа значи дека е неопходно да се направи ребаланс на буџетот

Третата причина, за ребаланс на буџет, посочи Петрова, е што новата Влада ќе пристапи кон реализација на нови мерки и политики од својата владина програма.

-Најавено е дека веднаш ќе започне со исплата на средства од централниот буџет кон општините, имаме мерки за исплата кон пензионерите, што значи дека треба да се предвидат и буџетски средства за мерките кои ќе произлезат од новата владина програма, посочи Петрова.