Има нелогичности во договорот со „Бехтел и Енка“, призна државниот обвинител и најави јавнообвинителска одлука

ОЈО Скопје постапува во случајот со серијата спорни легализации на габаритни објекти во општина Чаир, вели државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.

По допрен глас од вашата емисија, Обвинителството отвори предистрага. Се прибираат докази, како материјални, така и вербални. Постапката е во тек, не можам никакви детали во моментов за тоа да ви кажам. Се работи навистина за неколку згради таму коишто биле изградени на диво, а потоа се легализирани. Можеби тоа не е единствен случај во Македонија… Општината ги легализирала, од она што вие го објавивте, со тоа што не можела да ги испитува изјавите на градителите, на потенцијалните сопственици, дали се валидни или не. Доколку има кривично дело, Обвинителството ќе постапи и ќе бидете известени и вие и јавноста, рече обвинителот Коцевски.

За предистрагата за тендерот за избор на надзор над изградбата на автопатите од коридорите 8 и 10-д, државниот јавен обвинител информира дека се преземени доста работи и дека наскоро може да има јавнообвинителска одлука.

Преземени се доста работи. Се работи таму за конзорциум од три фирми коишто се испитуваат. Досега има некои нелогичности во договорот. Се преземаат дејствија и јас сметам дека, можеби набрзо, Јавното обвинителство ќе излезе со јавнообвинителска одлука, изјави Коцевски.

Прашан дали со ваквиот одговор сака да најави отворање истрага за овој случај, тој не сакаше да одговори директно, туку дополни дека многу работи се испитуваат токму во делот со лиценците, каде што, на пример, фирмата „Електра солушнс“ обезбедила лиценца за надзор откако веќе беше распишана јавната набавка.