ПРИТВОР за Георгиев, мерки на ПРЕТПАЗЛИВОСТ за Мемети

Од судија во струмичкиот Основен суд, преку штипска Апелација, па сѐ до Врховен суд. Кариерниот пат на судијата Наке Георгиев за малку ќе беше „крунисан“ со место во Судскиот совет, за сега, тој да биде под сомнеж за земање мито и поради тоа да остане без имунитет. 

Лисици на рацете на врховниот судија Наќе Георгиев му стави синот на поранешен градоначалник на Ново Село.

– Според сознанијата добиени од пријавителот, првоосомничениот користејќи ја својата службена положба и претпоставено влијание лажно ветувал погодности за обвинет (татко на пријавителот) во друга постапка што се води пред Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, и лажно прикажале дека ќе извршат влијание заедно со второосомничениот“, се вели во соопштението од обвинителството.

Јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје достави предлог за определување мерки на претпазливост спрема второосомничениот – член на Советот на јавни обвинители, Иџет Мемети.

„Со предлогот, обвинителството бара судот на осомничениот да му определи мерки на претпазливост согласно Законот за кривична постапка, односно обврска на осомничениот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган кој ќе го определи судијата на претходна постапка и привремено да му биде одземена патната исправа за преминување на државната граница, односно забрана за издавање на нова патна или друга исправа за преминување на државна граница на име на осомничениот, како и забрана за употреба на лична карта на име на осомничениот како исправа за преминување на државната граница“, информираа од ОЈО ГОКК..