Грчев со скандалозна навреда „Македонците се ментално пореметена нација, створена од Тито“?!
„Македонците се медицински случај на нарушување во мозокот на национално рамниште, бидејќи пак гласаа во мнозинство за ВМРО, која како фашистичка партија беше основана од бугарската тајна полиција во 1920 година со цел да ја присоедини Македонија кон бугарската матица. Овој библиски народ не му се оддолжи со ништо на својот Творец Тито, кој ја претвори Македоња Вечна во огновите на Втората светска војна од ништо во нешто, од маларична вукое*ина во република.“ – вели универзитетскиот професор и архитект Мирослав Грчев во својата скандалозна колумна под наслов „Истекнати права на гордост“, објавена во весникот „Слободен печат“, во која искажува серија најтешки навреди кон македонскиот народ и неговиот национален идентитет, како и кон Македонија како држава на македонскиот народ. Крајно понижувачки и велејќи со исмевање дека „Тито е Творец на Македонците како библиски народ“, Грчев застанува директно на линијата на официјална Софија и нејзиниот „Бугарски“ „добрососедски договор“ со Македонија, според кои македонскиот народ е измислен и создаден од Тито во 1945 година, без да има никакви автентични корени оти постоел во минатото! Со нималку случајно „скроениот“ наслов „Истекнати права на гордост“ колумнистот иронизира и со клучниот изборен слоган „Горда Македонија“ на новоизбраната претседателка на Република Македонија проф.д-р Гордана Силјановска-Давкова и на победничката партија ВМРО ДПМНЕ на парламентарните избори. Поправо, со овој наслов Грчев најдиректно им порачува на Македонците и на Македонија дека им „истекнале нивните права да бидат горди“ како нација и како држава, оти немаат право да се чувствуваат горди! Дали сега ќе се активира Јавното Обвинителство на Република Македонија самото по службена должност, врз основа на „јавно допрен глас“, откако ја има во оваа колумна јавно изнесената скандалозна навреда на Грчев дека „Македонците се ментално пореметена нација“, која е „создадена од Творецот Тито“?!
Во својата колумна со белег на антимакедонско писание од најтежок карактер Грчев, покрај другото, изнесува: Македоња Вечна, која Маршалот Тито во огновите на Втората светска војна со неповторлив алхемиски трик ја претвори од ништо во нешто, од маларична вукое8ина во република, од куп прегорени овчи брбушки во држава, му се заблагодари на својот Творец со целосно бришење на неговото име и дело од површината на библиската земја.
За неверојатната вселенска среќа што овој политички гигант од светски маштап ѝ стана татко основач на македонската држава, во која се еманципирани и пуштени да процутат македонската нација, јазик и култура, библискиот народ на својот Творец му се оддолжи со срамно молчење и со една полиуретанска скулптуричка обоена со златна боја за ќунци, илегално поставена од група на ентузијасти.
Во пресвртната 1990, по 45 години незапаметен развој, во кој заштитени под Титовото крило добивме државност, јазик, култура, писменост, универзитети, академија, филхармонија, национален архив, музеи, индустрија, стопанство, станбен фонд и градови, и тоа по највисоките светски стандарди, првото што библискиот народ го стори е да ѝ даде мнозинство на ВМРО, фашистичката партија основана од бугарската тајна полиција во 1920 година со една единствена цел: да ја присоедини Македонија кон бугарската матица. Без око да ни трепне ѝ ја дадовме Републиката на злосторничката организација чиишто членови соработуваа со бугарскиот фашистички окупатор, и во Втората светска војна беа поразени и згазени од Тито и неговите македонски партизани.
Но, како што видовме, Македонците сè уште гласаат за нив: зарем тоа не е медицински случај не само на фатален дефект на човечноста, туку и на ментално нарушување поради кое се прогласува деловна неспособност, се разбира, на национално ниво?