Силјановска Давкова: Гордоста не се купува, гордоста се заслужува

Пред Владата на Република Македонија се оддржа првиот сенароден собир во организација на ВМРО-ДПМНЕ со кој се одбележа почетокот на кампањата за Претседател на Република Македонија на кандидатката проф. Др Гордана Силјановска Давкова.

-Гордоста не се купува или подарува. Гордоста се заслужува. Ова е годината кога одбележуваме 80 години од македонската државност, 80 години од АСНОМ. Партизаните, беа инспирирани од првиот Илинден и затоа влегоа во вториот Илинден, во борба за слобода. Е така се гради гордост, тие загинаа за нас , за Македонија да ја направат горда. Ние тоа мора да го почитуваме. Тие тоа го заслужуваат, нашиот народ тука тоа го заслужува, истакна Силјановска Давкова

Таа вети дека ако стане претседател на државата повторно ќе ја отвори Народната канцеларија на претседателот, која беше отворена од поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов.

Рече дека нема да оди надвор од Македонија и да преговара без да оствари консензус за клучните прашања за државата.

-Само најуспешните, најстручните и најпочитуваните можат да ни ја вратат гордоста и така веќе нема да бидеме најнесреќниот народ, порача Силјановска Давкова.

Таа презентираше дел од принципите и вредностите кои ќе ги застапува доколку победи на претседателските избори.

-Темелните вредности мора да ги почитуваме. Ние вистинските Европјани имаме обврска да потсетуваме на темелните вредности. Не се оди во Европа со реторика туку со почитување на вредностите. Замислите тие членството во ЕУ го замислуваат како качување на воз кој оди во Брисел, не Брисел треба да дојде овде, нагласи Силјановска Давкова и додаде „бидете сигурни дека ќе ве направиме добри“.

-Бидете сигурни дека ќе ве направиме горди. Сум ги направила горди моите студенти и како пратеничка гордо ве застапував вас, за разлика од нив. Проверете ја и утврдете ја разликата. Споредете што зборуваат едните, а што другите. Не правиме компромис со вредности, немаме право на тоа, зошто така ја нагризуваме гордоста на Македонија, рече Силјановска Давкова.

Таа нагласи дека како претседател би се однесувала надпартиски, со градење сојузи и консензус.

-Ќе бидам своја глава. Ако во извршната власт има две глави треба да соработуваат. Надвор нема да заминам пред да изградам консензус за најважните државните прашања. Не се оди надвор во дуел, туку во дуо, рече Силјановска Давкова.