Мицкоски: Мора да се бориме за подобро утре и за одговорност на тие што сториле криминал
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во вечерашното интервју во емисијата Клан директ на ТВ Клан одговарајќи на прашањето што може да очекуваат граѓаните и кој ќе биде фокусот на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните и на претседателските избори, рече дека ќе биде за подобро утре и иднина за сите граѓани, но и борба со криминалот и корупцијата и конечно почитување на принципот владеење на правото.
За подобро утре, за вистинска иднина. Иднина која што ќе значи повеќе пари за граѓаните, помалку криминал и корупција кај политичарите. Владеење на правото и борба за секој еден млад човек да остане тука во Македонија, затоа што само така можеме да имаме убава и заедничка иднина сите ние кои што сме дел од овие 26.000 квадратни километри, вели Мицкоски.
Мицкоски истакна дека и според анкетите и јавното мислење, граѓаните од идната влада на ВМРО-ДПМНЕ очекуваат подобар стандард, борба со криминалот и корупцијата и владеење на правото.
Ако ги анализирате анкетите и јавното мислење, граѓаните од идната влада очекуваат подобар стандард, да бидат побогати и борба со криминалот и корупцијата и владеење на правото, дециден е тој.