Хашките случаи за Џафери биле завршена работа: Знае ли поранешниот командант на УЧК дека злосторствата против човештвото не застаруваат?
Техничкиот премиер Талат Џафери денеска изјави дека „законите се донесени и приказната е затворена“, одговарајќи на новинарско прашање во однос на препораката на Советот на Европа за отповикување на Законот за амнестија од 2011 и процесирање на четири Хашки случаи.
-Веќе дадов одговор за тоа дека е завршена работа во контекст на она што е законодавство и состојбата во државата. Завршена е таа приказна, законите се донесени, изјави кратко Џафери.
Оваа нервозна реакција на поранешниот командант на УЧК следува откако со допис до македонската влада упатен на 15 јануари 2024 година на адресата на тогашниот премиер Димитар Ковачевски, комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, побара досиејата од Хашкиот трибунал да се истражат од домашните судови.
Партијата Демократски сојуз до Уставниот суд во петокот поднесе иницијативата за отстранување на правните пречки со што ќе може да продолжи постапката по четирите Хашки случаи – „Водство на ОНА“, „Липковско Езеро“, „Гробницата Непроштено“, и „Мавровски работници“.
Со иницијатива на лидерот на ДС, Павле Трајанов, се бара поништување на Автентичното толкување на член 1 од Законот за амнестија, со кое се запре постапката за четирите Хашки случаи.
Според Трајанов, ова толкување е спротивно на Уставот, Кривичниот законик и на Женевските конвенции, со кои е дефинирано дека злосторствата против цивилите не застаруваат.