Николов: Нема грижа за онколошките пациенти ниту по скандалот на Oнкологија, ќе покажеме што значи стручност, ќе ги надградиме и прецизираме протоколите за лекување

Помина речиси половина година од објавата на скандалот на Онкологија и речиси една година од објавата на ревизорскиот извештај за оваа Клиника кој јасно и недвосмислено укажа за низа неправилности, ова денеска преку прес-конференција за јавноста го истакна доктор Игор Николов од ВМРО-ДПМНЕ.

-Денес повторно нема систем кој за пациентите ќе овозможи континуирана терапија, следливост на терапијата, нема ништо од ветувањето за децентрализација на областа на онкологија, нема зајакнување на кадарот ниту на Клиниката за онкологија каде што се третираат најтешко болните пациенти со канцер. За пациентите нема гаранција дека за извесен период од денес ќе има лекови, не се знае дали ќе бидат почитувани законските процедури за набавка, дали ќе има доволно буџет за современата терапија. Пациенти кои се третираат на Клиниката за онкологија ни реагираат дека нема доволно медицински сестри на Клиниката, а дневната болница работи само со половина капацитет. Нејасно е како надлежните институции како што се Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување не обезбедуваат медицински кадар за оваа институција, во исто време додека без проблем предизборно течат огласи за административни вработувања, во исто време не се води грижа за медицинскиот персонал. Пациентите од Клиничката болница во Битола реагираат дека се трошат последните количини на лекови по што ќе биле препраќани на Клиниката за онкологија во Скопје, бидејќи за Битола не е планирана набавка, вели Николов.

Тој додава дека показател за немање на системска грижа за пациентите со малигни заболувања се отсликува и во секојдневниот предизвик за борба за основни лекарства со што заради неспособноста и негрижата на Владата на ДУИ и СДС не враќаат 20 години наназад во однос на третманот на овие пациенти.

„Истовремено се јавува и недостиг на терапија и кај пациентите со ретки болести, кај пациенти со дијабет, невролошки заболувања, како и друга категорија на заболени. Во ГОБ „8 Септември” иако после 10 сечења ленти и 10 промоции, се уште не е во функција акцелераторот за зрачна терапија кој е набавен уште во 2016 година, а денес осум години потоа повторно фаќа прашина и не е на располагање на пациентите. Не смееме да дозволиме да има „онкологии” и во другите здравствени институции. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ со дела ќе покаже што значи да има стручност, да се лекува по протоколи и прецизирани постапки за лекување. Дополнително, приоритет ќе биде и дигитализацијата која што последните години застана, вклучувајќи и апдејтирање на протоколите, како и следливоста на третманот Нема да дозволиме третман и лекување кое ќе се заснова на нечија индивидуална желба и волја“, додава Николов.

Тој потенцира дека со воспоставување на правила ќе почне враќањето на довербата во здравствениот систем и унапредување на условите за третман на пациентите за што е потребен комплетен рестарт на целиот здравствен систем кој што започнува веднаш по преземањето на централната власт од страна на ВМРО-ДПМНЕ.