Васев е осомничен за осум кривични дела, Нухи за измама, а три лица за помагање при измамата – велат од Обвинителство
Шефот на скопското Обвинителство – Гаврил Бубевски предмалку на брифинг со новинарите изјави дека пет лица се под сомнение дека сториле злоупотреби на Клиниката за онкологија во Скопје.
Шефот на скопското Обвинителство – Гаврил Бубевски предмалку на брифинг со новинарите изјави дека пет лица се под сомнение дека сториле злоупотреби на Клиниката за онкологија во Скопје.
Меѓу осомничените е екс директорот на Клиниката, Нино Васев кој се гони за седум кривични дела злоупотреба на службена положба и овластување и за измама во службата.
Бубевски рече дека осомничен е и организацискиот директор – Нехат Нухи, кој се сомничи за измама во службата.
„Наредбата е за едно лице за седум кривични дела злоупотреба на службена положба и овластување и едно кривично дело измама во службата, едно лице се сомничи за измама во службата, а за три лица за помагачки дејствија за измама во службата. За овие дејствија има истражна постапка, предвидени се повисоки казни. И затоа денеска се носи наредба за истражна постапка“, рече Гаврил Бубевски.
Обвинителката во овој процес, Ана Гоговска-Јакимоска рече дека медицинскиот и организацискиот директор набавиле лекови на реверс пред склучување на договор за јавна набавка, без согласност од ФЗОМ во период кога постапките за јавна набавка се уште не биле спроведени од Министерството за здравство.
„Фактурите за вака набавените лекови биле изготвени и доставени до Клиниката по склучување на договорите за јавна набавка, без почитување на начелото на конкуренција. Набавени се лекови по склучување на договор со добавувачите без согласност од ФЗОМ. За да сите овие набавки и склучени договори предизвикаат правно дејство мора да имаат согласност од ФЗОМ, без неа, немаат правно дејство. Во периодот од 2018 до 2021 година, осомничениот медицински директор не ги фактурирал лековите од биолошката терапија кон ФЗОМ, биле преземани обврски над определениот годишен буџет, Клиниката вршела делење на набавката на ист лек и спроведувала постапка со преговарање без објавуавање на оглас во неколку наврати за краток временски период. Она што е карактеристично за оваа постапка е недостатокот за транспаретност и субјективно однесување на учесниците во постапката. Ова отвора можност за коруптивни практики. Оваа постапка за преговарање без оглас се смета за постапка која не треба да се користи освен доколку ситуацијата не дозволува спроведување на други постапки за доделување на договори за јавни набавки“, рече обвинителката.
Според неа, спротивно на протоколите за лекување, се препишувани лекови на пациенти каде постои недоследност во дозирањето на лековите и тајмингот на апликацијата.
„Тоа не значи дека е кратена или не е давана терапија, бидејќи во овој момент такво нешто не се докажа. Ова значи, народски кажано дека е требувана вишок терапија на име на пациентите. Раздолжувана е терапија повеќе од тоа што треба пациентите да го примат. Биле издавани (препишани) скапи лекови од новите генерации на имуно терапија на ден пред смртта на пациентот – а ова значи дека кога веќе било очигледно дека од апликацијата на таквиот лек дека нема да има бенефит поради статусот на пациентот, тие биле давани. Дали се дадени или не се дадени ние не можеме да тврдиме“, додаде Гоговска-Јакимоска.
Бубевски објасни и дека предметот го водат двајца обвинители.
„Се влегува во истражна постапка по предметот ‘Онкологија’. Според пишувањата во медиумите почнаа некакви сомненија на ниво на основи на сомненија за злоупотреби по различни начини од страна на претходните раководни лица по однос на лекувањето и злоупотреба на народните пари односно кражба на финансиски средства поврзани со буџетот. По тоа основи на сомнение даваше за право да се основа предмет за криминалистичко истражување за да се даде повеќе информации и доказен материјал. Се формираше предмет во полиција, одлучија дека треба да се влезе во Онкологија бидејќи имало сознанија дека доказен материјал може да биде предмет на контаминација и уништување“, рече Бубевски.