Милошоски: Еден дезертер даде оставка, друг дезертер ќе стане премиер
Еден дезертер поднесе оставка, друг дезертер ќе седне во премиерската фотелја. Вака пратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ ја започна својата дискусија по експозето на мандатарот Талат Џафери за состав на техничката влада, притоа мислејќи на Димитар Ковачевски, кој според ВМРО-ДПМНЕ, избегнал служење на воениот рок, додека Талат Џафери ја напуштил Армијата за да се приклучи во ОНА во 2001 година. Mилошоски наглси дека не е законски партија со помал број пратеници да има технички премиер.
Ниту овој што стана од фотелјата, ниту тој што ќе седне, немаат искрени чувства кон Македонија. Не очекувајте, почитувани симатизери од СДСМ, вашата партија нема доволно пратеници за да го избере Џафери. Но направија СДСМ да биде привезок на ДУИ.
„СДСМ, ЛДП и НСДП како верни слуги на ДУИ го направија македонскиот народ кираџии во својата држава. Тие приредија дуизација на Македонија. Затоа, ова е историски ден затоа што Македонија има историски највисок долг, најлошо здравство, влада со историски највисока корупција во регионот. 20 отсто од жителите на Гостивар, местото на Џафери, се иселија благодарение на ‘европската политика’ на ДУИ. Талат им ги завери во Собранието сите корутивни договори“, рече Милошоски, наведувајќи повеќе договори кои, според него, се неуспешни, но коруптивни.
Тој особено ги наведе како коруптивни договорите за автопат кон Охрид, потоа законот за игри на среќа, а ДУИ, како што нагласи Милошоски, од декларирана зелена партија, стана коцкарска партија.
„ДУИ и СДСМ имаат 40 милиони евра за коцкарски апарати, а немаат пари за поддршка на студентите“, рече Милошоски.
Поради Руфи Усеини од ДУИ, Џафери не дозволи да се формира анкетна комисија за трагедијата во Бугарија, за сообраќајната несреќа на автобусот на Беса транс во Бугарија, додаде Милошоски.
ДУИ и СДСМ се колективна онкологија на Македонија, илустративно рече Милошоски наведувајќи го скандалот со Клиниката за онкологија, а наведувајќи ја и несреќата во модуларната болница во Тетово.
„Џафери одбиваше извештајот од анкетната комисија за онкологија да го испрати во обвинителството, за да го заштити директорот“, рече пратеникот.
Како проблем на товар на Џафери, пратеникот Милошоски го наведе и проблемот со еден неизбран член во Државната изборна комисија, каде според него, мора член да биде од редовите на опозициската Беса.
„Тие што очекуваат Џафери да се заложи за фер и демократрски избори добро да се замислат, бидејќи ДИК ја остава без еден член“, рече тој.
На претставниците во МВР им порача дека ги чекаат многу предизвици и стапици, зашто, нагласи „немате работа со европејци, туку со луѓе чии другари се на црната листа“.
Милошоски рече дека коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за оваа Влада.
„Прво, зашто не е законски партија со помал број на пратеници да добие премиерско место, а второ, премиерското место не треба да го земе партија која се поврзува со висок степен на корупција. Трето, целта е на овие избори слугите од ДУИ, СДСМ и ЛДП да бидат поразени и да одат во опозиција“, рече Милошоски ветувајќи дека на 9 мај ќе прогласат победа и слобода за Македонија.