Трите малолетни деца од семејството на девојчето кое се лекува од тешки повреди во Клинички во Скопје ќе добијат старател по службена должност

Трите малолетни деца од семејството на четиригодишното девојче кое пред пет дена беше донесено во критична состојба во Клиничкиот центар во Скопје и таму се лекува, ќе добијат старател по службена должност, односно ќе бидат сместени во згрижувачко семејство, потврдија за МИА од Министерството за труд и социјална политика.

Како што информираа оттаму, по пријавувањето на случајот од Струмичката болница, каде девојчето напрвин било донесено и потоа е испратено на лекување во Скопје, тим од струмичкиот Центар за социјални работи излегол на терен и утврдил дека децата привремено се згрижени кај дедото, а од утре ќе почне процедурата за сместување во згрижувачко семејство.

ОД МТСП додаваат дека семејството не е евидентирано во системот, бидејќи имало привремен престој во Струмица и членовите на семејството немале лични документи и не можеле да остваруваат права од социјална и детска заштита.

-Во текот на наредните работни денови случајот ќе продолжи да се следи и ќе се преземат законските мерки за заштита на децата. Предвидено е и работа со мајката со стручен тим за зајакнување на капацитетите во делот на родителството и грижа за децата, а во тој период тие ќе бидат сместени во згрижувачко семејство, велат од Министерството.

Инаку, првично мајката на девојчето пријавила дека повредите се од напад на куче, но истражните органи проверуваат дали тоа е вистинската причина. Случајот го води Основното јавно обвинителство во Струмица.

Директорката на Клиниката, Валентина Цвејоска – Чолаковска, денеска во изјава за МИА, потврди дека четиригодишното дете од Струмица, кое со тешки повреди беше донесено на Детската клиника во Скопје, во моментов е со стабилни витални параметри, на лекување и следење на Одделот за гастроентерохепатологија.

– Во лекувањето се вклучени и колегите од Клиниката за детска хирургија, а конзилијарно е водено со повеќе субспецијалисти од Клиниката, појасни Цвејоска – Чолаковска.

На 17 јануари, од болницата во Струмица, со возило на Итна медицинска помош и во придружба на лекар, на Клиниката за детски болести девојчето било донесено, како што рече Цвејоска – Чолаковска, во исклучително тешка состојба, потхрането, хигиенски запоставено, со гангренозни промени на прстите на дланките и на стапалата.