Министерството за правда оценило дека воведувањето рестриктивни мерки врз основа на „правни акти на САД и правни акти на Обединетото кралство“ е во спротивност со уставниот поредок и со суверенитетот на Република Македонија
Владата вчера доцна попладне објави дека го усвоила предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки. Идејата на предлагачот, Министерството за надворешни работи, е американските и британските црни листи да станат основа за санкционирање и од страна на нашите институции. Така барем нештата ги разбира ресорниот министер Бујар Османи. И тоа не е спорно, се разбира, пишува Плусинфо.мк.
Предлагачот го доставил предлог-законот во декември минатата година, но на адреса на Владата на 26 декември стасало негативно мислење од Министерството за правда за овој текст. А мислење од ресорот Правда побарала вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска. Познавачите велат дека таа, всушност, е клучниот лик што стои зад овој предлог-закон.
Текстот на предлог-законот, за кој вчера расправала Владата, не е суштински различен од оној за кој Министерството за правда дало негативно мислење, со многу сериозни аргументи и со разумни насоки за тоа како можат да се остварат целите што ги поставува законописецот. Веројатно поради тоа непочитување на мислењето на најстручниот ресор кога е во прашање правната материја, текстот на предлог-законот вчера бил прифатен само условно, со обврска предлагачот во рок од пет дена да прибави мислења од повеќе ресори, а потоа премиерот Димитар Ковачевски да одлучи дали во предвечерјето на демисијата на неговата политичка влада и непосредно пред формирањето на новата техничка влада, предлог-законот ќе го пушти во собраниска процедура.
Министерството за правда во своето мислење за предложените измени на Законот за рестриктивни мерки нагласува дека воведувањето рестриктивни мерки врз основа на „правни акти на САД и правни акти на Обединетото кралство“ е во спротивност со уставниот поредок и со суверенитетот на Република Македонија, пренесе Плусинфо.
„Меѓународни рестриктивни мерки се носат врз основа на акти на меѓународни организации, како што се ООН, ЕУ и други“, појаснува ресорот.
Во точката 3 од Мислењето се вели: „Министерството за правда смета дека донесувањето рестриктивни мерки со одлука на Владата на Република Македонија, врз основа на сомневање, не е во согласност со Уставот на Република Македонија и со системот на казненото право воопшто“. Во точката 4 од Мислењето на Правда, се дообјаснува: „Воведувањето вакви мерки со владина одлука врз основа на основи за сомневање, за случаи на корупција и криминал, претставува директна повреда на одредбите од Уставот и на меѓународните стандарди. Имено, во овие случаи наведени во предлог-законот, за разлика од кривичната постапка, за предметот да дојде во судска постапка, е неопходно основите за сомневање да се потврдат на ниво на основано сомневање и потоа на ниво на обвинување. Дури потоа пред судот, во јавна и контрадикторна постапка, е потребно да се докажува вината на обвинетиот. Спротивно на ова, согласно предлог-законот, ќе може врз основа на основи за сомневање, да се воведат рестриктивни мерки, меѓу кои и замрзнување на имотот на определено правно или физичко лице, без спроведување постапка и со одлука на Владата. Министерството за правда укажува дека ова е од исклучително значење, бидејќи судот претставува орган на судската власт кој суди врз основа на Уставот, законите и на меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, а Владата е дел од извршната власт, што остава сомнеж за злоупотреба на рестриктивните мерки за политички цели“.
Во една лаичка интерпретација, Министерството за правда ни кажува дека со предложениот текст на измените на Законот за рестриктивни мерки, Владата комплетно го нарушува системот на поделба на власта и себеси се прогласува и за обвинител и за судија, кој суди и пресудува врз основа на основи за сомневање. Колку што авторот на овој текст памети што се случува на политичката сцена во оваа земја, а памети добри 40 години, ова е прв случај некој да се обиде на вака груб начин да ги погази основите на политичкиот и на правниот систем во државата.