Илир Мехмеди не ги исполнува условите за директор на М-НАВ и направил финансиска проневера
Илир Мехмеди кој сега владата го предлага за директор на МНАВ е поранешен директор на Управата за цивилно воздухопловство (УЦВ) кој додека бил на функција направил низа законски прекршување а меѓу другото ја носел неговата сопруга на патување во Мадрид а приватно патувал во Сингапур на сметка на Управата.
Незаконитостите за новиот кандидат за директор на МНАВ предложен од владата ги утврдиле во Државниот завод за ревизија.
Тој незаконски потрошил повеќе од 8.000 евра од касата на УЦВП за патувања што не биле за целите и потребите на Управата.
Исплата на сомнителни фактури, непочитување на Законот за јавни набавки, ненаменско трошење пари без соодветни одлуки од Владата, се само дел од неправилностите што ги констатирале државните ревизори во работата на УЦВП додека директорувал Мехмеди до 2009 година.
И тогаш и сега Мехмеди на функциите доаѓа како на ДУИ.
Тогаш ревизорите утврдиле дека спротивно на законските прописи, а на име на средства за градежно одржување и интервенции во објекти на УЦВП на фирмата „Промонтинг” и биле исплатени повеќе од 60.000 евра.
„Со анализа на договорените работи по основниот и анекс договорите и извршените работи од Промонтинг, се констатира дека голем дел од предвидените и договорените работи не биле извршени, а истовремено се склучуваат анекс договори за новопредвидени работи и истите се плаќаат без претходно спроведена постапка за јавни набавки”, пишува во ревизорскиот извештај.
Контролата покажала дека од касата на управата биле исплатни повеќе од 25.000 евра за набавка на мебел, клуб маси, трпезариски столови, комоди, фотелји, двоседи, избира, телевизори, двд кои воопшто не биле евидентирани по пописот во просториите на управата на крајот на 2005 година. Од увидот во планот за јавни набавки за 2005 година и документацијата од спроведените јавни набавки, ревизијата констатирала дека од планираните 52 набавки, биле реализирани 11. Од нив, 10 набавки со вкупна вредност од безмалку 400.000 евра биле реализирани надвор од планот за јавни набавки.
„Исплати на средства за набавка на опрема, материјали, резервни делови и ситен инвентар и користење на услуги од повеќе доставувачи, во износ од 860.000 евра биле потрошени без спроведена постапка за јавна набавка или спроведена постапка спротивно на Законот за јавни набавки”, пишува во извештајот.
Ревизорите утврдиле дека спротивно на законот во УЦВП повеќе пати се набавувале стоки и услуги со помала вредност, се делеле аванси, спонзорства, не се применувале законските обврски за тужби против авиокомпании должници и повеќе незаконски активности со кои сметките на управата и на државата била оштетена за милионски суми.
Мехмеди никогаш не одговарал за незаконитостите, а сега повторно може да дојде во ситуација да ги повтори страните дела.