Тасевски: Упадот во Контролата за летање не е влегување во продавница, тоа е рамно на тероризам

Во нормални земји, еден таков чин би се сметал веројатно за тероризам, вели претседателот на синдикатот на контролорите за летање, Александар Тасевски во разговор за Гласот на Америка и тврди дека менаџментот ја деградира професионалноста на службата

Контролата на летање е институција којашто е од државно безбедносен карактер, вели Александар Тасевски, претседател на синдикатот на контролорите на летање од македонската навигација.

„Не станува збор само дека ние одговараме за безбедноста на воздухопловите коишто се од комерцијални цели како патничките авиони. Ние сме служба која ги контролира, односно помага во воздушниот сообраќај на воздухопловите што се на министерството за внатрешни работи на војската“, објаснува Тасевски.

Во однос на упадот што таму се случи во четвртокот од група во која имаше и лица што не се вработени во службата, Тасевски вели дека може да се изедначи како акт на тероризам, зашто нивниот објект подлежи на посебни безбедносни критериуми.

Во нормални земји, еден таков чин би се третирал веројатно како терористички напад

„Не е тоа влегување во продавница, па да може да се шета кој сака. Во нормални земји, еден таков чин би се третирал веројатно како терористички напад“, посочува Тасевски.

Во однос на нарушување на безбедноста, Тасевски вели дека треба да се прима професионален кадар во институцијата.

„Директорите се фалат дека безбедноста не е загрозена, дека безбедноста е на ниво. Тоа не е благодарение на нив, тоа е благодарение на нас, професионалците. Ние поради тоа бараме сите селекции да бидат направени професионално“, вели синдикалецот.

За стравувањата, пак, дека сегашните случувања во Контролата за летање можат да ја загрозат безбедноста на авио-сообраќајот, Тасевски вели дека како професионалци самите ќе го затворат небото, ако дојде до некоја таква ситуација.