Хамиди нема да даде оставка во М-НАВ: За големиот инцидент вели дека е само „конфликт меѓу двајца колеги“
Според Јавното обвинтелство, како што информираа претпладне од прес-службата, се преземаат дејствија за расчистување на настанот, а Основното јавно обвинителство Скопје во текот на денот очекува кривична пријава од Министерството за внатрешни работи.
Претседателот на Управниот одбор и извршен директор во М-НАВ, Фахрудин Хамиди вели дека за вчерашниот инцидент со упад во М-НАВ и напад на вработени е закажан Комитет за безбедност во компанијата и оти во интерес на истрагата нема да коментира дополнително.
Нема да даде оставка затоа што како што рече денска на прес-конференција, зад него стојат многу позитивни резултати и оти Владата веќе најавила разрешување на раководството, а случувањата ги оквалификува како „немил настан“ и „конфликт помеѓу двајца колеги“.
-Ние сме луѓе, менаџери, раководиме согласно сертифицирани процедури и во делот на обезбедување согласно меѓународни карактери и препораки има две рампи за влегување, има трета, четврта, во тој дел не можам да навлегувам понатака. Се случил еден немил настан и тоа не смеело да се случи, но се работи за конфликт помеѓу двајца колеги кои се знаат 20 години и заедно биле на школување, рече Хамиди, прашан како е дозволен упад во институцијата.
Прашан дали побарал одговорност поради случувањата Хамиди порача да се остави да си тече истрагата.
-Поради фактот дека веќе органите што се повисоко од нас се занимаваат со таа работа, во интерес на истрагата, има камери, значи има многу работи што се внатре, нека си тече истрагата. Во интерес на истрагата не сакам да навлегувам понатака. Имаме закажан Комитет за безбдност во нашата компанија, рече Хамиди.
Тој вели дека апсолутно гарантира за безбедноста на македонското небо во време на конфликтот.
-Се работи за некој личен… Има кошкања во секоја организација. Лицата се вработени во М-НАВ во тоа што се случило. И тоа не е во делот трет, четврт, колку што мене ми е познато. Има камери, ќе се утврди, наведе Хамиди.
Тој на прес-конференцијата рече дека претседателот на Струковиот синдикат на контролори на летање Александар Тасевски со обвинувањата за работата на раководството и оспорувањето на огласот за вработување постапува од негови лични мотиви и интереси.
-Не не остава да си ја вршиме работата, репутацијата на компанијата е доведена во прашање поради лажни клевети.За жал, имаме лукративни и лични интереси и нека му е на чест. Тој кажува за непотизам и за партиски вработувања само заради дефокусирање на јавноста. Тој е непотизам самиот, неговиот татко беше началник, тогаш беше примен и тој, истовремено и брат му работи како контролор, рече Хамиди.
Тие што ги исполниле условите на конкурсот за кој реагираше Синдикатот, според Хамиди, се примени, а некои заради неуреден статус не се. Отворени се, како што рече, за сите можни критики од институциите, Антикоруциската, Финансиската полиција…