Пред Нова година едно, сега друго: Спасовски не мислел дека поставувањето на крстот на Попова Шапка е екстремизам

Првиот полицаец се премисли – поставувањето на крстот на Попова Шапка не било екстремизам. Екстремизам биле иницијативите за уривање на верски обележја и иницијативите за нивна одбрана.

Не, јас не кажав дека било кој што гради верски објект е екстремист. Туку оние кои се поигруваат со верските објекти се екстремисти, дека тој објект ќе биде срушен или оние кои најавуваат дека по секоја цена ќе преземаат мерки и активности за одбрана вон институциите тоа се екстремисти. Aко нешто не краси во оваа наша убава Македонија тоа е нашиот мултиетнички колорит – рече Спасовски по посетата полицискиот Центар „Ѓорче Петров“.

Ова е сосема спротивно од она што го кажа пред неколку дена на традиционалниот брифинг со новинарите кој беше без камери.  Запрашан за став околу последните случувања и одлуката за уривање на крстот, министерот рече дека е политички фолклор. Тој тогаш направи споредба и со ситуацијата во 2015 година и подигнувањето на крстот во Бутел.

Тоа е фолклор кој што не враќа во 2015-та година, кога јас станав министер. Немајќи што да прават во тој момент, ќе прават крст во Бутел. Зошто? За да ти кажат, ај да те видиме сега како ќе се справиш и што ќе правиме со крстот. Е ова е истата ситуација. Кога зборувам за екстремистички групи, и тоа се екстремисти кои што сакаат на еден или на друг начин да предизвикуваат меѓуетнички конфликти и тензии. Тој политички фолклор ќе се засилува сега како ќе наближуваат изборите, ќе се засилува и ќе играат на карта на национализам, на рушење на вредност – рече Спасовски на брифингот.

Претходно,Општина Тетово донесе решение за уривање на крстот во дворот на манастирскиот комплекс Св. Наум Охридски Чудотворец на Попова Шапка, а во петокот имаше и протест за негово уривање на кој имаше многу мала посетеност. После ова Тетовско-гостиварската епархија на МПЦ-ОА поднесе жалба поради решението на општинскиот градежен инспектор за уривање на крстот.

Кон средината на ноември ДУИ жестоко се крена против одбележје на христијаните кои живеат во Тетово. Ваквата реторика на ДУИ која дојде на неколку месеци пред избори, го урива концпептот едно општество за сите, кој што интегративците се обидуваат да го промовираат цело време.Политичките препукувања продолжија па и БЕСА реагираше дека им смета крстот за кој сметаат дека е политичка провокација.

Извор: ТВ Алфа

Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.