Ахмети: Командант Џафери ќе биде првиот премиер Албанец, униформата на УЧК останува споменик
Во гостување на ТВ Клан Албанија, лидерот на ДУИ, Али Ахмети се пофали дека Талат Џафери на крајот на јануари ќе стане првиот премиер Албанец во Македонија. На прашање од новинарот дали тоа е командантот во УЧК, Талат Џафер, Ахмети одговори: Да, командант Џафери.
Емисијата во која гостуваше го прогласи Ахмети за личност на годината. Токму поради тоа „достигнување“ на ДУИ.
Бленди Февзиу, новинарот на ТВ Клан Албанија го праша Ахмети: „Кога ќе биде прогласен премиер Албанец“? Ахмети кусо одговори дека тоа ќе се случи на 28 јануари.
„Кој ќе биде премиерот?“, праша водителот.
Талат Џафери“, одговори Ахмети.
„Командант Талат Џафери?“, потпраша водителот.
„Командант Џафери“, одговори Ахмети.
На прашањето од новинарот дали тоа значи дека Македонија ќе постави за премиер командант на ОВК (УЧК), Ахмети рече:
„ОВК во 2001 година потпиша договор со НАТО за демобилизација. Униформата на ОВК останува споменик на историската меморија, неа ја има секој војник, со моќна гаранција дека нема да биде злоупотребена“.
„Значи Талат ќе биде како споменик на актуелноста?“, заклучи во потпрашањето новинарот, а Ахмети додаде дека на 28 јануари Џафери ќе биде изгласан да ја води Владата до изборите.