„Стани Благој да те видат“ – КАДЕ Е АВТОПАТОТ ШТО ТРЕБАШЕ ДА БИДЕ ГОТОВ ДО КРАЈ НА 2023?

Кој е изговорот и кој ќе сноси одговорност што автопатот Кичево Охрид не е готов иако премиерот Ковачевски вети дека ќе биде готов до крај на оваа 2023 година, прашува пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.

Стојаноски на денешната собраниска седница  го потсети Ковачевски на фамозната изјава каде што го повика министерот за транспорт и врски Благој Бочварски да стане да го види цела сала и да му каже дека тој ќе биде одговорен за овој проект да се заврши до 2023 година, укажувајќи дека автопатот се уште не е изграден.

Според вашите лажни тврдења и празни ветувања автопатот Кичево Охрид требаше да биде готов до крајот на 2023 година. Тоа е ваша изјава. Но, денеска пред почеток на седницата видов дека со одлука на влада сте го продолжиле рокот за изградба на автопатот. Вие застанавте пред народот на 19 ноември 2022 година и ветивте дека од јануари 2024 година граѓаните ќе возат по нов автопат во Охрид. Тогаш рековте, Благој е одговорен овој проект да се заврши до крајот на 2023 година. Тоа беше она популарно видео каде што рековте стани Благој да те види сала и Благој е одговорен овој проект да се заврши до крајот на 2023 година, рече Стојаноски.

Додаде дека со оглед дека проектот е далеку од завршен, дека автопатот не е готов, се поставува прашањето дали во својство на министер за транспорт и врски ќе го повика Благој Бочварски на одговорност.

Во истото тоа виде, вие велите дека ако се сака, тогаш се се може, нема изговори и нема предавања. Тогаш кој е  вашиот изговор што овој проект не е завршен, односно дали и кој ќе сноси одговорност за тоа што автопатот Кичево Охрид не е завршен до моментот и рокот кој што вие го кажавте, праша Стојаноски.