Скопска компанија тврди дела Водостопанство доделило тендер на фантом фирма на пензионерка и студентка

Компанија основа пред една година од пензионерка и студентка го добила неодамнешниот тендер на Водостопанство. Од четирите компании таа дала една од најскапите понуди и сепак победила на јавниот повик, тврдат од скопската компанија за производство на делови за водовод, КАЗ груп, која учествувала на огласот. Се сомневаат во местење на тендерските постапки и укажуваат на нелојална конкуренција.

  • „Се сомневаме во проблематична постапка, затоa што на последниот тендер на АД Водостопанство Скопје, во тендерската спецификација од 321 ставка, оваа година сметаме дека тенденциозно се внесени три производи, кои што за жал не даваат можност за конкуренција. Овој тендер кој што е три пати поскап од она што ние го нудиме, го доби компaнија фантом, отворена пред само една година, со само еден вработен. Ние понудивме три милиони и триста, а тие понудија 10 милиони.“ – Изјави Анета Корбкина од КАЗ Груп.

Од скопската семејна компанија која постои веќе три децении, велат дека голем дел од машините за производство ги дизјанираат и создаваат тие самите. Со нив, произведуваат македонски продукти, кои потоа ги извезуваат во десетици европски земји, каде што се користат за тамошните водостнабдителни системи. Но кај нас, како што велат често се дискриминирани од своите. Па посочуваат дека македонските институции и претрпијатија наместо да користат неколку пати поевтини и квалитетни домашни производи, увезуваат и неконтролирано ги тршат парите од граѓаните.

Од државното акционерско друштво Водостопанство на Македонија велат дека е неоснована реакцијата на КАЗ-груп и дека на јавен тендер е избрана понудата која соодветствува на барањата и критериумите на набавката, а според тоа и на цената.

  • „По објавувањето на огласот за јавна набавка, во постапката на евалуација, врз основа на проверка на приложените технички понуди, комисијата заклучи дека од вкупно четири понуди, понудите на два економски оператори не се во согласност со дефинираните технички карактеристики на предметот на јавна набавка, барањата и условите од техничките спецификации, како и во однос на условите за извршување или функционални карактеристики на предметот на јавна набавка наведени во тендерската документација и со тоа нивните понуди нема да се разгледуваат во понатамошната постапка на евалуација на понудите.“ – Велат од АД Водостопанство, од каде додаваат дека„Од останатите две понуди беше избран понудувач врз основа на критериумот за доделување на јавна набавка, а тоа е економски најповолна понуда врз основа на цената. По спроведената постапка за јавна набавка и Одлуката за избор на најповолен понудувач, против истата од страна на еден од економските оператори беше вложена Жалба која Државната комисија за жалби по јавни набавки ја одби поради неоснованост.“ – Стои во соопштението на АД Водостопанство.

Инаку се работи за тендер за набавка на резервни делови за одржување на основните водостопански објекти за наводнување и одводнување со кои управува АД Водостопанство во државна сопственост.
Според податоците на Бирото за јавни набавки на тендерот учествувале четири фирми . Понудите биле од 12,7 милиони денари до 3,39 милиони денари. Се работи за рамковна спогодба за 6 месеци.

Извор: ТВ Алфа