Родителите од Чашка подготвени да одат до крај: „Ќе платиме и казна ако Шаќири инсистира на албанска паралелка“
Родителите на децата од училиштето „Тодор Јанев“ кои четврта недела ја бојкотираат наставата поради одлуката на МОН да се отвори албанска паралелка во училиште со настава на македонски јазик, се подготвени да одат до крај и нема да прифатат онлајна настава за децата се додека трајно не се реши проблемот.
– Наставните прво добиле известување од директорката дека ќе има онлајн настава, а вчера биле известени дека се откажува. Ние сме подготвени да бојкотираме се додека не се најде трајно решение. Не заплашија со казни, но ние сме подготвени и да ги платиме казните и децата да загубат цела учебна година – рече Цвета Пашовска, претседател на Советот на родители.
Револтот е поголем откако министерството прво најави привремено решение за прекин на бојкот на наставата со воведување на онлајн настава па потоа се предомисли, но и затоа што Шаќири не се согласува со нивниот предлог оние четири деца за кои се отвори паралелката, да учат на својот мајчин јазик во друго училиште во село Сливник кое со реонизација припаѓа на општина Велес, не на Чашка.
– Како трајно решение ние предложивме да се изгради модуларно училиште во Бањица од каде што се и децата, на земјиштето кое од општина Чашка има маркица за таа намена. Тоа ќе се изгради за четири месеци, а дотогаш предложивме тие дечиња да посетуваат настава во Сливник. Тоа е населено место под Општина Велес од каде што понудија да ги подмират трошоците за превоз на децата бидејќи се работи за растојание од два километри меѓу Бањица и Сливник. Но, министерот инсистира тие да учат во Чашка и да патуваат осум километри наместо три – истакна Пашовска за „А1он“.
Министерот во своите настапи за ова училиште се повикува на Уставот и правото на образование на мајчин јазик, што за родителите не е спорно воопшто, но тие сметаат дека и формирањето на училишни одбори произлегува од Уставот, а инсистирањето на албанска паралелка во „Тодор Јанев“ е кршење на законите.
– Училиштето нема одбор кој треба да го смени статутот на истото. Министерот треба да знае дека и покрај одземањето на ингеренциите врз ова училиште, без родители не може да се формира училишен одбор и да се промени статутот. И треба да знае дека ние не сме против децата да учат на својот мајчин јазик, но сакаме тоа да се направи законски и да се најде трајно решение – додаде Пашовска.
Родителите на учениците Македонци не дозволуваат противзаконско и вонстатутарно отворање на албанска паралелка која ја одобри МОН а ја прифати директорката Николова која пак беше назначена од министерот Јетон Шаќири откако тој му ги одзеде ингеренциите врз ООУ „Тодор Јанев“ на градоначалникот на Чашка, Горан Стојановски.
Неколку денови полиција од Велес и Чашка беше и тампон зона помеѓу родители и директорката, а еднаш мораше и да интервенира за да ја спречи топлата да и се нафрли на Николова.