НЕМА УЧЕБНИЦИ И РЕФОРМИ ВО ОБРАЗОВАНИЕ, ИМА ОДЗЕМАЊЕ НА ИНГЕРЕНЦИИ ЗА ПАРТИСКИ ВД ДИРЕКТОРИ
Тоа што се случува деновиве во битолското образование, почитувани граѓани е потврда дека и овој ресор е жртва на суровата партизација и силеџиското владеење на СДС и ДУИ.
Најубав пример за ова е експресното именување за в.д директор на, ни помалку ни повеќе, генералниот секретар на локалната СДС – Гордана Атанасовска во основното училиште “Св. Климент Охридски”.
Очекуваме да видиме кои се намерите и дали зад директорските смени се крие бркање на вработени и вработување на партиски војници на СДС?
Оваа докрај партизирана и корумпирана власт во заминување, покрај за основното училиште “Св. Климент Охридски”, ингеренциите за назначување директор на градоначалникот Коњановски, му ги одзеде и за основното училиште “Александар Турунџев“ во Кукуречани и за средното техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“.
Наместо да се грижат за воспитно-образовниот процес и на ПИСА тестирањето да не добиваме резултати кои се вистински срам за државава, да се грижат за квалитетни и навремени учебници, приоритет на оваа власт на СДС и ДУИ е именувањето директори односно функционерско вдомување на нивните партиски челници.
Неразумните, ирационални потези на власта резултираат со уште едно загрозување на воспитно-образовниот процес. МОН не дава согласности за распишување на огласи за околу 300 наставници во Битола.
Почитувани граѓани, страшно е што оваа власт законите ги толкува како сака и како ќе и текне, а во Законот за основно и Законот за средно образование точно е определено кога и зошто се одземат ингеренциите, најмалку по лична одлука, впечаток или нечие мислење.
Ова дивеење во образованието мора да запре и никој никогаш не треба да заборава дека образованието е еден од најцврстите темели на државата и директен параметар кој ја одредува иднината на младите генерации.