Загрозено е полагањето на матурата, синдикатот на ДИЦ го продолжи штрајкот бидејќи не добиле задоволителен одговор од Министерството за финансии за зголемување на платите
Загрозено е полагањето на државаната матурата, синдикатот на Државниот испитен центар (ДИЦ) од 11 декември го продолжи штрајкот бидејќи не добиле задоволителен одговор од Министерството за финансии за зголемување на платите на вработените во оваа институција. Тие бараат изедначување на нивните плати со платите на наставник ментор.
Платите на вработените во ДИЦ се за 25 проценти помали од платите на наставник ментор. Станува збор околу 26 вработени лица во ДИЦ.
Ова денеска го соопшти Емилија Бошковска од Синдикатот на ДИЦ, која кажа дека штрајкот кој беше ставен во мирување годинава, во мај, продолжува. Бошковска кажа дека нема да се спроведе стручниот испит за наставници и стручни соработници за приправници, а нема да се реализира ниту основната обука за директори.
Во овој момент требаше да се случува стручниот испит за наставници и стручни соработници за приправници. Тоа е нешто во кое се инволвирани и засегнати околу 700 лица кои се пријавени во овој испитен рок. Тие 700 лица очекуваат да полагаат да го положат испитот и да им се трансформира работниот однос до крајот на годината, но во овој случај испитот нема да се случи. Тоа е нешто што сега можеби е поактуелно и од матурата и покрај тоа што матурата од 1 јануари ќе биде пополнување и изјаснување на учениците и внесување во системот на предмети, рече Бошковска.
Таа потенцира дека во меѓувреме се изготвуваат прашања за матурата и се доставуваат кај нив, но нивните координатори нема да ги примат.
Минатиот пат штрајкот беше непосредно пред матурата па не обвинија дека сакаме да уценуваме. Матурата и во овој момент кога го почнуваме штрајкот повторно ќе биде загрозена, затоа што тоа е процес што се случува во текот на целата година. Повеќе процеси кои се во тек ќе бидат стопирани. Основната обука за директори нема да се реализира, нема да почнат нови групи, додаде Бошковска.
Таа додаде дека последните седум месеци имаат директни и индиректни преговори со Министерството за финансии, со посредство на Министерство за образование.
Во овој период изготвивме неколку измени на колективниот договор и по два месеци чекавме одговори од Министерството за финансии. На последниот предлог уште немаме одговор и најпосле ни е јасно дека сето ова беше одолговлекување и решивме дека и покрај тоа што не сакаме, ќе мораме да преминеме во реактивирање на штрајкот кој што веќе беше активен во претходниот период, потенцираше Бошковска.
Таа појасни дека реално решение за нивниот проблем не е понудено, а потенцираше и дека во моментов имаат недостиг од правник, но постојано добиваат и одбивање за вработување.