„ДУНА“ ГО ДОБИЛА САЈТОТ НА ДИК БЕЗ ПОТПИШАНА ИЗЈАВА ЗА СЕРИОЗНОСТ И СО ЛАЖИРАНИ ПОДАТОЦИ, СЕ ВЕЛИ ВО ПРИФАТЕНАТА ЖАЛБА ЗА ПОНИШТЕНИОТ ТЕНДЕР

Компјутерската фирма „Дуна“ која што го доби поништениот тендер за набавка на софтвер за веб сајтот на Државната изборна комисија не потпишала Изјава за сериозност, ниту пак ги исполнила трите минимални услови, според жалбата што ја прифати Државната комисија за жалби по јавни набавки.

Државната изборна комисија објави оглас за јавната набавка на 12 февруари 2020, а до крајниот рок на 16 март 2020 понуди доставиле фирмите „Дуна“ и „Ај Воут“, која го правела софтверот за сите претходни избори од 2006 до 2019. Комисијата за јавни набавки во ДИК на 24 април предложила на тендерот да биде избрана „Дуна“ и предлогот бил прифатен од одговорното лице во ДИК. Незадоволни од одлуката, „АјВоут“ истиот ден поднеле жалба до Државната комисија за жалби по јавни набавки, која што  жалбата ја оцени како основана и го поништи тендерот.

Во прифатената жалба на „АјВоут“, цитирајќи го член 88 од Законот за јавни набавки, како и точка 2.2.1, точка 2.2.2 и точка 2.2.5 од тендерската документација, се наведува дека „избраниот понудувач оваа 4/20 изјава ја изготвил и ја доставил до ДИК во електронска форма ‘ворд’ формат без електронски потпис од одговорното лице – управителот Александар Пејковски. Дополнително, не била потпишана ниту Изјавата за сериозност на понудата, не била потпишана ни Изјавата и Листата на технички персонал кој ќе го реализира договорот- предмет на набавка, ниту пак самата Понуда од овластеното лице кои биле доставени во ‘ворд’ формат- без меморандум и електронски сертификат за потпис на управителот Александар Пејковски“.

Понатаму во прифатената жалба се наведува дека фирмата „Дуна“ не исполнувала ниту еден од трите минимални услови и требало да биде исклучен во постапката за јавна набавка. Трите услови се:

– Економскиот оператор треба да има најмалку 3 референци од успешни имплементации на софтверски проекти со сличен предмет, обем и функционалности како предметот на оваа јавна набавка

– Економскиот оператор треба да има најмалку 1  референца од успешни имплементации на софтверски проекти преку мобилен уред и приказ на внесените податоци преку динамичка јавна веб страна со најмалку 50.000,00 прегледи на страни во период од еден час

– Економскиот оператор треба да има вработено или ангажирано проектен тим со проектен менаџер, софтверски архитект и главен развивач на софтвер со искуство од најмалку 2 успешни имплементации на софтверски проекти.

Според прифатената жалба, „Избраниот понудувач немал ниту една, а не најмалку 3 референци од успешни имплементации на софтверски проекти со сличен предмет, обем и функционалности како предметот на оваа јавна набавка (услов 1), ниту пак имал барем една референца од успешна имплементација на софтверски проекти преку мобилен уред и приказ на внесените податоци преку динамичка јавна веб страна со најмалку 50.000 прегледи на страни во период од еден час (услов 2)“.

За вториот услов, меѓу другото, во жалбата се наведува дека „извештајот бил за датум 11.3.2020, по објавување на тендерот, непосредно пред рокот за поднесување. Јавната веб страна за приказ на податоци во тој период не била евидентирана со ваков број на посети на ниту еден јавен сајт за индексирање. Бројот на посети на страниците на графиконот бил минимален и се зголемувал само во еден час. Сесиите на посетителите траеле во просек 1 минута и 1 секунда и за тоа време секој од посетителите посетил по 82.4 страници. Невозможно било во рок од една минута и една секунда колку што траеле сесиите на посетителите, секој посетител да отворил и прочитал 82.4 страни што имплицирало дека извештајот бил вештачки софтверски генериран“.

Во однос на третиот услов, според наведеното во жалбата, избраниот понудувач немал доставено потпишана Изјава со дигитален сертификат- потпис дека проектниот тим има искуство од најмалку 2 (две) успешни имплементации на софтверски проекти од ваков вид и обем како предметот на јавната набавка.

По поништувањето на тендерот, набавката на софтверот е спроведена со преговарање без објавување на оглас, а како најповолен понудувач пак беше избрана фирмата „Дуна“. Двете компании биле поканети на преговори од ДИК на 19 јуни 2020, а фирмите утредента ги доставиле понудите. Одлуката за избор на „Дуна“ е донесена на 22 јуни 2020. Истиот ден, „Ај Воут“ поднела жалба, која што е одбиена од Државната комисија за жалби по јавни набавки како неоснована на 8 јули 2020. Во меѓувреме, ДИК ги намали критериумите за избор на најповолен понудувач.

Веб сајтот на ДИК, кој е предмет на набавката, е умрен уште од синоќа по затворањето на избирачките места во 21 часот. Нема официјални резултати, ниту има најава кога би имало.

Од Обвинителството за организиран криминал и корупција за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека ја следат состојбата и доколку се утврдат неправилности ќе отворат предмет.

  • Превземено од СДК.МК