Пренџов и Милошоски му одржаа УСТАВНА И ПРАВНА ЛЕКЦИЈА за суетниот обвинител Јовески за ЛОГОРОТ на Онкологија

Пратеникот и член на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски му одржа Уставна лекција на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески.

Дополнително, пратеникот Љупчо Пренџов му одржа правна и политичка лекција на истиот.

Суетата на Републичкиот јавен обвинител – интегрално од неговото соопштение

Ова е поканата со која сум повикан денеска да дојдам тука, на седницата на Анкетната комисија. За јавноста да знае, тука пишува – Јавниот обвинител на Македонија е повикан на седницава “во својство на сведок и/или експерт” за случајот “Онкологија”. Еве и местото на кое сега седам е определено за сведок или експерт. Да бидам искрен, кога ја примив поканата мислев дека е некоја грешка, но следејќи ја работата на ова тело, и претходно на Комисијата за финансирање и буџет на која бев повикан на истава тема, се повеќе сум уверен дека не се работи за грешка, туку за излегување од надлежностите на собраниските тела со цел да се наруши предистражната постапка која ја води обвинителството, рече Јавниот обвинител Љубомир Јовески пред Анкетната комисија за случајот „Онкологија“.

„Апсолутно не е важно кој предложил, а кој прифатил вакво нешто. Јавниот обвинител ниту е експерт, ниту може да биде повикан да сведочи за активна кривична постапка. Тоа го забранува Уставот кој јасно ја дефинира поделбата на законодавната, извршната и судската власт и ја гарантира самостојноста на јавниот обвинител како надлежен орган за кривичен прогон. Ваквата расправа е спротивна и на неколку други закони, особено на Законот за кривична постапка со кој се штити тајноста на предистражната постапка и доказите обезбедени на законит начин.

Конечно, Анкетната комисија постапува спротивно и на собранискиот и на сопствениот деловник за работа.

Член 123 од Деловникот на Собранието вели:

Работните тела не можат да имаат истражни или други судски функции.

Во вашиот комисиски Деловник, пак, во делот на надлежностите сами сте напишале дека Анкетната комисија ќе утврдува дали има политичка одговорност во целиот овој случај.

Ниту постапувањето на јавното обвинителство, ниту на најголемиот дел од сведоците кои секојдневно ги повикувате тука можат да биде предмет на политичка одговорност. Кривичната одговорност, можеби ќе ве разочарам, но не е во ваша надлежност. Тоа го потврдуваат сите акти кои ви ги цитирав.

Секојдневно дипломатски претставници, претставници на Европската унија и на други меѓународни институции, невладини организации, ве повикуваат вас, политичарите, да не се мешате во работата на правосудството. Јас повикав на истото во оваа сала пред само неколку дена – оставете не да си ја работиме работата. Предметот онкологија се води темелно и стручно и ќе дојде до вистината, без разлика на некои обиди за опструкции.

Ги следам расправите. Од оваа иста говорница неколку пратеници веќе излегоа за да кажат дека имале блиски кои биле пациенти на онкологија. Се надевам дека не е целта со такви дискусии да се покаже дека некој повеќе е засегнат од ова прашање. Свесни сме и знаеме сите – скоро и да нема семејство, нема дом, нема човек во државава кој не поминал или лично или преку некој близок низ траумите што ги носи дијагнозата на канцер. Мојот единствен брат почина на Клиниката за онкологија пред 4 години. Во моето најблиско опкружување и сега имам пациент на таа клиника. И ова не го кажувам за да се докажувам дека и мене ми е важно да се дојде до вистинината, туку затоа што знам дека дури и тој личен факт, кој не треба никого да засега, може да се злоупотреби политички за да се фрли сомнеж на непристрасноста на постапката. Никогаш не сум влијаел, нема ниту сега да влијаам на јавните обвинители кои постапуваат, но бидете сигурни дека апсолутно, како и на сите, ми е важно да се дојде до вистината.

Затоа уште еднаш апелирам – да престане злоупотребата на предметот онкологија во политички цели и за тоа барам поддршка од целата јавност. Директно се загрозува постапката и валидноста на доказите, на што укажа и претседателот на Основниот кривичен суд Скопје. Паралелна истрага е недозволива, со тоа се загрозува истражниот процес и се дава можност на одбраната во суд да ни ги оспорува доказите.

Ако навистина се сака да се дојде до вистина и до одговорност, како што тврдите во секое обраќање, тогаш застанете зад самостојноста на јавното обвинителство и на јавните обвинители кои постапуваат во предметот. Чув дека има нови документи и докази, па ве повикувам, во Обвинителството да ги доставите сите докази за кои по собраниски, партиски и други јавни настапи тврдите дека сте ги дознале или ви ги откриле некакви свиркачи. Секој чесен граѓанин треба доказите да не ги чува, да не се фали дека ги поседува, туку веднаш да ги даде на надлежните органи. Да не дозволиме да се компромитира постапката за политички поени. Обезбедете материјални и кадровски услови за непречена работа на обвинителството. И најважно, изменете ги законите со што ќе ги заштитите граѓаните од вакви појави во иднина. Ќе си дозволам само да кажам, исказот пред вас и солзите на актуелната директорка на Онкологија многу кажуваат за проблемите со кои е соочена Клиниката. Затоа итно заложете се да се обезбеди терапија за сите пациенти од оваа тешка болест.

И уште еднаш нагласувам – и јас сум за утврдување на одговорност, но не смее да се компромитира обвинителската постапка. Затоа според Законот додека трае предистрагата, детали не може да се изнесуваат.

Свесен за очекувањата на јавноста, за болката и траумите што овој случај ги предизвикува кај многу пациенти и нивни блиски, со цел да не ја нарушам постапката која веќе влегува во клучна фаза, на вашите прашања во врска со детали од истражувањето и постапувањето денеска имам само еден одговор – Спротивно на Уставот, законите и на вашите деловници е да изнесувам факти и докази од постапувањето на Обвинителството, се наведува во соопштението“.

Пренџов до Јовески: Сте имале точно 12 години за вистината за ОНКОЛОГИЈА, а сте МОЛЧЕЛЕ

-Во поглед на вистината и траорните сценарија, немој да заборавите дека тој што седеше пред вас овдека, кажа дека во 2012 сте имале кривични пријава за онкологија, до денеска десет години поминале, во кои 10 години сте вработен во ОЈО од кои 5-6 години сте главен јавен обвинител, ништо нема. Во 2019 имало, во 2020 имало, ве молам без такви фрази вистината, вистината, сте имале точно 12 години да им ја кажете вистината на македонската јавност, а како ОЈО сте молчеле, рече пратеникот Љупчо Пренџов на денешната Анкетна комисија при македонското Собрание обраќајќи му се на државниот јавен обвинител Љубомир Јовески.

Пратеникот Пренџов, на обвинителот Јовески, му посака добредојде во највисоката институција во општествено политичкиот систем на Република Македонија, Собранието по кое што и тие како институција работат, при што додаде тоа што ние како пратеници ќе донесеме овде по закон, вие сте должи да го работите.

„Нема повисоко нешто моментално од јавниот интерес, највисоко е јавниот интерес. Трето, наместо да гледате телевизија што ние овде зборуваме, требало да работите и да дојде овде со готови информации до каде е истрагата. И четврто, немојте да кажувате дека пред јавноста не можете и немате право да зборувате, имате право, прочитано ви е правото, ако сакавте можевте да барате да биде затворена седницата за Анкетната комисија. Нема така лесно да си одите. Петто, немојте да заборавите господине Јовески кога го навредувате ова собрание, ние тука во оваа собрание седиме затоа што сме избор на граѓаните, а вие во оваа Собрание како јавен обвинител седите затоа што сте предлог на Зоран Заев и владата. Немој никогаш да го заборавате тоа, која институција е највисока во системот, а вие колеги од СДСМ не треба да го штитите Јовески туку вистината да ја бараме. Ако не може јавно, може на затворена седница“, рече Пренџов.

„Невообичаено е кога ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛ СЕ ОДНЕСУВА КАКО ПРАТЕНИК НА ВЛАСТА“

Невообичаено е кога јавен обвинител се однесува како пратеник на власта. Знаејќи го долгото правничко искуство на господинот Јовески ќе си дозволам да го потсетам и коригирам дека не е во право за Анкетната комисија бидејќи член 76 од Уставот го демантира. Членот 76 вели дека Собранието може да формира анкетни комисии за прашања од јавен интерес, изјави пратеникот Антонијо Милошоски на седницата на Анкетната комисија за скандалот со Онкологија каде сведочеше јавниот обвинител Љубомир Јовески.

Милошоски нагласи дека ова е прашање од најголем јавен интерес, тука не станува збор само за профит туку и загрозување на уставното право на здравствена заштита на голем дел од пациентите.

-Токму заради недостаток на лекови, препродажба на лекови, скапи лекови на црн пазар итн. А тоа се случувало и е потврдено од овластена институција преку извештајот од Државниот завод за ревизија. Како може државниот завод за ревизија вам да ви достави уште во март извештај за сите овие недостатоци, а вие до ден денес да говорите за истрага и да немате истрага? – праша Милошоски.

Милошоски додаде дека разликата помеѓу предистрага и истрага е многу голема и во овластувања и наредби.

– Јавноста цело време говори и има очекувања. Политичката одговорност ќе ја утврдиме. Но нема со тоа да нарушиме во она што е надлежност на други институции, но проблем е што другите институции не дејствуваат и затоа сме дојдени до момент на расправа на анкетна комисија, изјави тој.

Милошоски нагласи дека ако ЈО постапело посериозно и навремено и во март, јуни, јули покренело истрага и веќе дефинирало одредено дејание на кривично дело, осомничени, сега можеби овој предмет ќе беше во друга разрешница

Очигледно е овде дека вашиот неуспех, вашето неработење неефикасност на ЈО кое се уште има најниска доверба сакате да го покриете со префрлање на одговорноста на анкетната комисија. Имате законска обврска да и кажете на јавноста што имате постапено, изјави Милошоски.