Пешевска: Демографскиот аларм е вклучен, на пат сме да станеме држава без народ

Не случајно денеска сме во Пехчево, тоа е еден од првите градови со најголем јаз, најголемо иселување, околу 30% се имаат иселено, демографскиот аларм одамна е вклучен. Бројките се немилосрдни. Не само што се намалува вкупното население за околу 200 илјади за 20 години, фрапантен е податокот дека имаме намалување на возрасната категорија од 15 до 64 години, а тоа е работоспособното население, изјави Жаклина Пешевска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ на дебатата во Пехчево насловена „Иселување и демографија предизвик за Македонија“ во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“.

Пешевска нагласи дека овие фактори влијаат на помал број запишани ученици, студенти, намалување на пазарот на труд и се соочуваме со катастрофалните последици на оваа власт и немаме работна сила во многу области.

– Причините за иселување велат дека се за подобри економски состојби, но тие се од различна природа, во државата нема ефикасна здравствена заштита, немаме добра социјална заштита, нема владеење на право, криминал и корупција на секој чекор. Граѓаните во таква атмосфера го гледаат излезот надвор. Големи стопанственици заминуваат и не размислуваат да се вратат, рече таа.

Пешевска изјави дека во последниве години учениците немаат книги, во руралните средини сме на добар пат целосно да се иселуваат, градовите се иселуваат, на пат сме да станеме држава без народ.

– Имаме национална стратегија за демографија која не е функционална, важно е да размислуваме за функционална национална стратегија, сите мерки кои ќе ги имаме како идна власт да бидат применливи. На оваа власт не и е во фокус да го крева човечкиот капитал и низа мерки од претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ ги укинаа како мерката за трето дете, „купи куќа купи стан“ кои ја користеа млади, истакна Пешевска.

Важно е да работиме со ресурсите кои ги имаме, и во фокус треба да ни биде семејството како столб на општеството.

Сите проекти кои ќе ни бидат во таа национална стратегија треба да ги опфатат сите целни групи и возрасти во државата. За младите се знае, квалитетно образование, вработување, високи плати. За жените можам многу да говорам, многу податоци кажуваат за родовата димензија, немаме економски силни жени и првата работа која треба да ја таргетираме и креираме повеќе мерки за економско јакнење на жените, немаме жени сега на раководни позиции, 220 илјади жени се домаќинки. Ни требаат изградба на нови градинки, проширување на постоечките, ни треба владеење на право, заштита на децата.

-Понатаму даночни бенефиции за многудетни семејства, намалување на ДДВ за бебешка облека, пелени, менструални производи. Треба да размислуваме и за старосна пензија за мајки се на повеќе од 3 деца кои не успеале да остварат право, рече Пешевска.

Таа нагласи дека низа мерки на партијата ќе опфатат целни групи, семејството да се направи економски посилно и ќе имаме постабилна економска држава.