Мицкоски: Блиску сме до 61 пратеник
Важно е да направиме разлика од тие кои изминативе шест години зависеше се од нив, а што направија освен тоа што од голтари поединци станаа милионери. Се што ветија направија спротивно и тие кои имаат план, визија и градат, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за време на посетата на Штип која е во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“.
Мицкоски укажа „важно е да направиме разлика од тоа што зависеше од нив до сега, а тоа беа изминативе шест години и тоа што зависи од вас, а тоа се следните четири години, четирите после, па следните четири години итн.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ порача „не верувајте на секој оној кој има задача да ве обесхрабри, демотивира и да ве оттргне од намерата да се обединиме околу единствениот носечки национален столб, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата која ја предводи ВМРО-ДПМНЕ.
„Тие ќе ви кажуваат работи кои се еднакви на чуда, ние не сме чудотворци, нема да ветуваме чуда, но тоа што ќе го ветиме тоа ќе го исполниме. Важно е да се направи разлика меѓу оние кои заработуваа на смртта на нашите сограѓани како што се оние луѓе кои се дел од Клиниката за онкологија и оние кои имаат намера да вложат во здравството и секој еден граѓанин да добие вистинска здравствена нега, а не да се заработува на маката и смртта на нашите сограѓани. Важно е да се направи разлика помеѓу оние кои ги оставија нашите деца без учебници и покрај тоа што сме веќе средина на октомври и оние кои донесоа бесплатни учебници, универзитет овде во Штип“, кажа Мицкоски.
Мицкоски укажа за тоа што се е важно и во кои се области ВМРО-ДПМНЕ градело, а СДСМ само уништува и краде.
„Важно е да се направи разлика помеѓу оние кои ги крадат, ги понижуваат земјоделците, кои не обезбедија откуп и субвенции, и ВМРО-ДПМНЕ која почна да дава огромни средства како субвенции токму за земјоделците. Важно е да се направи разлика меѓу оние кои градеа како автопатот Скопје- Миладиновци овде до Штип и оние кои не можат два километри автопат да направат од границата со Косово до Скопје или познатиот пат Блаце-Скопје. Важно е да се направи разлика помеѓу оние кои во минатото обезбедуваа странски директни инвестиции, поддршка за домашните инвеститори и направија Македонија да има највисок економски раст и овие кои не заковаа на дното зошто целта им е да пљачкаат“, рече Мицкоски.
Според Мицкоски важно е да се прават овие разлики затоа што тоа ќе биде одлуката на секој еден од вас. Тој додаде и дека затоа акција „Важно е! Промените зависат од тебе“ има таков наслов за да укаже и покаже колкава е важноста за периодот кој следи пред нас.