Новинска екипа на Би-Би-Си доби дозвола да влезе во кибуц Кфар Аз во јужен Израел, израелска заедница која беше место на ужасен масакр во првите неколку дена од конфликтот.
Жени, деца, бебиња и стари лица, дури и цели семејства, беа убиени во напад на Хамас на кибуц за време на викендот. Нападите на кибуцот, една од израелските заедници долж границата со Газа, продолжија и вчераутро, па израелската армија дури во текот на денот почна да ги собира телата на убиените израелски цивили.
Војниците, кои поминаа голем дел од денот во урнатините извлекувајќи тела на цивили, рекоа дека повеќето од убиствата најверојатно се случиле во раните утрински часови на нападот во саботата.
„На неподготвената израелска војска и беа потребни 12 часа да стигне до кибуцот. Фала му на Бога што спасивме животи на многу родители и деца. За жал, некои од нив терористите ги запалија со молотови коктели. Тие се многу агресивни, како животни“, изјави за Би-Би-Си Давиди Бен Зион, заменик командант на единицата 71, искусен тим на падобранци.
Бен Зион рече дека вооружени лица на Хамас убиле цели семејства, вклучително и бебиња, и дека тие биле „џихадистичка машина за убивање невооружени цивили“.
„Тие беа нормални граѓани кои сакаа да појадуваат и тоа е се“, рече тој. Додаде дека на некои жртви им биле отсечени главите.
Но, никој во Кфар Аз или на друго место во Израел не замислуваше дека Хамас може да ја пробие одбраната на Израел и да убие толку многу луѓе, пишува Би-Би-Си.