Владата на ДУИ и СДСМ е единствената од регионот која не прати авион за своите граѓани во Израел

Македонија е можеби единствената земја од регионот, која не испратила досега сопствен авион за да ги преземе своите граѓани од Израел – раскажува Билјана Спасиќ Митковска, Македонка, евакуирана од Израел, за Гласот на Америка.

Еден службен лет да пратат не треба повеќе, тие се од 100 до 200, мислам дека ќе ги собере сите Македонци. Сите околни земји Србија, Црна Гора, Албанија, која зеде и наши и граѓани од Косово, сите се организираа и си ги прибраа своите граѓани вели Билјана Спасиќ Митковска за Глас на Америка.

Досега своите државјани од Израел ги евакуираа Црна Гора, Косово, Албанија, Хрватска,Србија и Словенија.

Уште девет наши државјани го напуштија Израел, преку различни транспортни рути, и тоа: четворица со лет до Атина, тројца за Јордан и двајца за Белград. Заедно со оние кои претходно тоа го сторија, вкупната бројка за изминативе три дена се искачи на 40 наши државјани што го напуштија Израел.

Министерството за надворешни работи соопшти дека дваесет пријавени граѓани од пограничните региони, кои се сметаа за безбедносно – ризични, утрово се префрлени на безбедна локација во Тел Авив, од каде ќе се работи на нивно заминување од Израел.

-За жал, неколку од летовите за кои веќе беше обезбедено место дел од нашите државјани да го напуштат Израел во текот на вчерашниот ден беа откажани, па активностите за нивно приклучување во некои од денешните летови продолжува денеска. Амбасадата на Македонија во Тел Авив е во постојана комуникација со сите нашите државјани во Израел и во координација со кризниот штаб во Министерството за надворешни. Точната бројка на наши државјани кои се пријавиле за асистенција за нивно заминување од Израел постојано се менува, но во моментов, таа не надминува 100 наши државјани, се посочува во соопштението од МНР.