Со формирањето на македонското знаме во Прилеп почнаа одбележувањата за 11 Октомври

Учениците од 10-те прилепски основни училишта на плоштадот „Методија Андонов ченто“, традиционално, во пресрет на празникот 11 Октомври го формираа македонското знаме. 

Со тоа во Прилеп и официјално почнаа одбележувањата на 82-годишнината од почетокот на Народното востание.

Во чест на празникот меморијалниот музеј „11 Октомври“ цел ден и вечер, а и утре на празникот, ќе биде отворен за посетителите. Музејот, некогашниот участок е местото каде со нападот на групата на одредот „Гоце Делчев“ на 11 октомври 1941 беше означен почетокот на народното и последно, победоносно востание за создавање македонска самостојна и независна држава. Во последно време зголемен е интересот за посета.

– За разлика од еден период кога новите генерации многу не знаеја и не го посетуваа Музејот, во последниот период ситуацијата е изменета. Сето зависи од образовниот процес и нашиот однос спрема поблиската историја. Можеби влијаат и последните општествено политички ситуации. Во секој случај, зголемен е интересот да се познава историјата, зашто не ја учиме историјата само за да го знаеме минатото, туку и за да знаеме како да се однесуваме и да ја градиме иднината, вели Рубин Белчески, историчар од прилепскиот Завод и музеј и претседател на Сојузот на борците од Прилеп и поддржувачи на традициите од НОБ.

Во чест на празникот, во 18 часот во фоајето од Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе биде отворена годишната изложба на членовите на Друштвото на ликовните уметници од Прилеп. Во 18, 30 часот во градската библиотека „Борка Талески“ ќе се чествува празникот со манифестацијата „Октомвриска ноќ: Прослава на уметноста и поезијата“ во спомен на хероите од НОБ и револуцијата. Ќе биде отворена изложба од академскиот сликар Сергеј Андреевски, а ќе се чита избор песни од Метре М. Андреевски и од Светлана Христова Јоциќ.

Централното чествување е од 19 часот на камената бина на плоштадот „Александрија“. Ќе има музичко сценски изведби, рецитал „Октомври“, а потоа се традиционалниот огномет и импровизираниот напад на градот како потсетување на виорните времиња на 11 октомври 1941-та.

Утре, на празникот почит за борците и хероите. Делегации од Сојузот на борците, од Владата, Парламентот, од локалната самоуправа и граѓани ќе се поклонат и ќе положат венци и свежи цвеќиња пред спомениците на Методија Андонов Ченто, првиот претседател на Президиумот на АСНОМ и на Кузман Јосифоски-Питу, идеологот на Револуцијата, во центарот на градот, а потоа и на Могилата на непобедените каде се моштите на 650 борци што ги дал Прилеп во НОБ и Револуцијата. Почит за хероите и во Алејата на народните херои во Паркот на Револуцијата каде се бистите на 10- народни херои.