Мицкоски дециден: Уставни измени нема да има, ни еден пратеник од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа
Со пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата сме апсолутно истомисленици. Никогаш јас не сум сакал да наметнам таков тип на авторитет, па сега некого да контролирам, управувам и така натаму, ниту пак некогаш додека сум претседател тоа ќе се случи. Ние овој став кој што го имаме како ВМРО-ДПМНЕ и како коалиција е заеднички став и тој е принципиелен став и ние веруваме во тој став дека е исправен, бидејќи до сега веќе 15 месеци не добивме аргумент со кој што нашиот став ќе биде, да кажам, демантиран па ние ќе мора да го менуваме. Така што, кога ме прашувате дали сме истомисленици, да сме истомисленици со 44 пратеници кои што се дел од пратеничката група на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју на телевизија Алсат М.
Мицкоски посочи дека иако целта на оската е носење на уставни измени под бугарски диктат, тоа нема да се случи и тие нема да поминат, со тоа само ние како македонски граѓани губиме време.
Додаде дека како тој и партијата упорно се трудеа да им објаснат на власта дека оваа нивна политика на форсирање на една тема која што ќе заврши во бездна и нема да успее, а на сметка на тоа уривање на државата во секоја пора, полна со криминал и корупција, не е добра политика и затоа им понудија многу решенија во минатото, кои за жал ги одбија.
„Нема да се случат уставните измени, ни еден пратеник од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа и тоа се виде на седницата на 18 август, кога 44 пратеници кои гласаа против дневниот ред. Тоа јасно покажува дека немаат двотретинско мнозинство, затоа што ако беа сигурни дека имаат макар и еден, тие ќе одеа до крај на таа собраниска седница, претпоставувам ќе пропаднеше и после тоа хорски ќе бараа оставка на Христијан Мицкоски. И Мицкоски е проблем, затоа што тој не се договара со политички криминалци и разно разни кланови, ниту за политички амнестии, ниту за политички криминали, ниту за тендери затоа што имаме принципиелен став“, истакна Мицкоски.
Македонија е најбитна, посочи Мицкоски и таа е пред и над се, додавајќи дека уставните измени се нај небитниот и нај понижувачкиот дел за Македонија.
„Тие се нај понижувачкиот дел за Македонија и мислам дека тоа што не ги гласаме тие уставни измени и мислиме добро на Македонија, затоа што ако се случеше такво нешто, тогаш ќе беше лошо за Македонија. Бидејќи ги слушате пораките кои што доаѓаат од Софија, па дури и од денешната ново избрана евро комесарка која што јасно кажа кои се обврските на Македонија кои што се содржани и во протоколите, а во протоколите богами се содржани озбилни обврски кои што имаат јасна цел. А, тоа е асимилација на македонскиот народ“, рече Мицкоски.