ОДНАПРЕД ДОГОВОРЕНО СЦЕНАРИО: Груби потпиша одлука за отворање на три нови друштва за приредување на интернет игри на среќа
Владата на мала врата уште пред три месеци донела одлука која ќе има сериозни импликации врз организирањето на игри на среќа во земјава, пренесува Плусинфо.
Медиумот дознава, дека во меѓувреме, во текот на летните одмори, Владата донела одлука под назив кој не навестува дека содржи информација која е од круцијално значење за индустријата за игри на среќа.
Под назив „Одлука за одобрување на работењето на Управниот одбор на акционерското друштво за приредување игри на среќа, Државна Лотарија на Република Северна Македонија“ објавен во Службен весник на РСМ, бр. 124 од 14.6.2023 година, Владата всушност овозможи отпочнување на постапка за основање на три нови друштва за приредување на интернет игри на среќа.
Оваа одлука која е потпишана од првиот вицепремиер, Артан Груби го отвора и прашањето како постапката за основање на три нови друштва за приредување на интернет игри на среќа воопшто ќе се спроведува и дали и до кој степен зад неа се кријат лични интереси на владини функционери?
Порталот го поставува прашањето како, откако неодамна со потпис на Груби се донесе одлука за основање на ново државно претпријатие за игри на среќа, сега со нова одлука се отвора можност за отворање на три нови друштва за интернет игри на среќа? Како Владата одеднаш од „поборник“ против игрите на среќа станува главен партнер и овозможувач на нови и нови можности за обложување и коцкање, на целосно нетранспарентен и крајно сомнителен начин?
Објавените информации велат дека согласно актуелниот Закон за игри на среќа, постоечките приредувачи на игри на среќа не се во можност да организираат игри на среќа преку интернет. Иако во Законот за игри на среќа се предвидени општите услови за приредување на интернет игри на среќа, Министерството за финансии повеќе од една деценија ги нема донесено подзаконските акти, без кои приредувачите на игри на среќа во пракса не можат да приредуваат игри на среќа преку интернет. Засега таа можност ја има само државната лотарија и е единствен приредувач на игри на среќа на интернет, но со целосно недоречен закон и начин на организирање.
Според експертите кои ги консултираше медиумот дискутабилно е кои ќе бидат ефектите врз домашниот пазар и врз играчите од влегувањето на три нови странски компании на пазарот и како оваа промена ќе влијае на постоечката индустрија, кој има инвестирано во бројни објекти и во кадар од неколку илјади вработени низ целата земја.