Македонското меѓународно движење за човекови права со тужба за клевета против Бујар Османи
Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) упатува јавна покана до сите македонски медиуми и сите заинтересирани Македонци, да присуствуваат и да известуваат од судењето по тужба од претседателот на ММДЧП Бил Николов и ММДЧП за клевета против Бујар Османи и порталот “360 Степени” во Основниот суд Скопје 1, судница број 8, во Скопје, Македонија, кое започнува на 18 април 2023 година со почеток од 11 часот.
На 27 јануари 2023 година, претседателот на ММДЧП Бил Николов и ММДЧП поднесоа тужби за навреда и клевета пред Основниот граѓански суд Скопје, во Македонија, против Бујар Османи, министер за надворешни работи на режимот во Македонија, и против порталот “360 Степени”.
Бујар Османи и “360 Степени” ги критикуваат сите кои ќе изразат несогласување со режимот и со американските анти-македонски политики и нивното кршење на човековите права и граѓанските слободи. Тужбите се за повреда на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета.
На 27 октомври 2022 година, порталот “360 Степени” објави отворено лажен, навредлив и клеветнички прилог за Македонското меѓународно движење за човекови права и за претседателот на ММДЧП Бил Николов. Во интервју за БТВ, на 27 октомври 2022 година, кое беше објавено на “360 Степени” на 28 октомври 2022 година, министерот за надворешни работи Бујар Османи изнесе целосно лажни, навредливи и клеветнички тврдења за ММДЧП и Бил Николов. Османи продолжи со изнесување на целосно лажни, навредливи и клеветнички изјави и за време на неговата прес конференција на 11 ноември 2022 година.
“360 Степени” објави дека во моментов прима средства од Националната фондација за демократија (НЕД), која пак потврдува дека е во најголема мерка финансирана од американскиот Конгрес. Порталот “360 Степени”, исто така, добивал средства од американската Агенција за меѓународен развој (УСАИД), факт потврден од УСАИД, и од британската и холандската амбасада.
Режимот во Македонија беше инсталиран на власт од Соединетите Американски Држави и понатаму ја има нивната целосна поддршка, со цел со сила да ја спроведе нелегалната промена на името, како и други надворешно-политички цели на САД.