Власта сама со себе ќе си дебатира за уставните измени

Рокот за номинирање претставници во работната група за измени на Уставот што Министерството за правда им го даде на институциите и политичките партии истекува денеска.

Освен парламентарните политички партии во работната група при Министерството за правда претставници треба да номинираат и од Кабинетот на Претседателот на државата, Министерството за надворешни работи, Секретаријатот за европски прашања и експерти од областа на уставно право.

И додека во јавноста викендов се лицитираше со можните имињата на членовите, дел од политичките партии на дописот од Министерството за правда одговорија негативно. ВМРО-ДПМНЕ, Алтенатива, Левица, СПМ и Демократски сојуз информираа дека нема да учествуваат во работната група.

На дописот од Правда, први се одѕваа Претседателот Стево Пендаровски, кој потврди дека негов претставник во работната група за измени на Уставот ќе биде професорот од Правниот факултет Александар Спасов, кој е негов правен советник, додека вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, кажа дека СЕП активно ќе учествува во работната група и дека најдоцна до понеделник ќе биде дефинирано и соопштено името на претставникот кој ќе биде вклучен во работната група за уставни измени.

Премиерот Димитар Ковачевски, минатата недела порача дека процесот на уставни измени е внатрешно прашања на Република Македонија, што е и обврска поврзана со пристапните преговори со Европската Унија, согласно што и работната група во Министерството за правда треба да изработи предлог којшто одговара на македонското општество, на нашите закони и на она што ние го очекуваме од нашата иднина како идна земја – членка на ЕУ.

Вицепремиерот Маричиќ рече дека СЕП активно ќе учествува во таа работна група и ќе номинира лице што ќе биде претставник од Секретаријатот и со допис до понеделник ќе го информира Министерството за правда.

– Од таа работна група да извадиме еден предлог кој потоа ќе најде свој простор за дискусија и во општеството и во Собранието. Многу е попрактично и поодговорно за државата да учествуваат сите политички партии, и јас ги охрабрувам да не се плашат и да учествуваат. Бидејќи јавно ги изнесоа ставовите, тие ставови да ги соочиме во работната група и да видиме дали можеме да дојдеме до едно заедничко решение, најдобро решение, и да изградиме македонски модел за вградување на овие три заедници или колку и да бидат, што се заинтересирани да влезат во Преамбулата на Уставот, и да го овозможиме тоа. Сметам дека на тој начин ќе се демистификува процесот повеќе отколку ако го задржиме на ниво на дневни изјави и политички препукувања. Ние ја поставуваме масата за разговор и ги каниме сите да седнат на таа маса и да разговараме, рече Маричиќ на заедничката прес-конференција минатата недела со министерката за евроинтеграции на Србија, Тања Мишчевиќ.

Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кажа дека нема да учествуваат во работната група за уставните измени, оценувајќи дека во оваа фаза тоа е беспредметно и оти власта сака да го политизира процесот.

– Нема да учествуваме во работната група, тоа сме го кажале многу пати во минатото, ги кажавме и причините затоа што работата на оваа работна група сега во оваа фаза е тотално беспредметна. И врвни правни експерти го коментиарат тоа, дека овој прв чекор е практично утврдување на потреба за отворање на Уставот и доколку има две третини тогаш веќе се формира Уставна комисија, па се разгледуваат амандамни, се драфтираат, итн… Сега е тотално беспредметно, сакаат да го политизираат процесот. Еве уште еднаш јавно го кажувам ставот, и повеќе нема да се занимавам со тоа прашање, дека ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во работатата на Комисијата која ја формира Министерството за правда а има цел да работи на амандманите кои се потребни за уставните измени, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Булачани за време на викеднот.