ПОВТОРНО дојава за бомба во ГТЦ, претседателската вила, кулите Џевахир и други објекти

Изутринава околу 08.20 часот пристигна дојава за поставена експлозивна направа во Градскиот трговски центар во Скопје, при што започна евакуација на трговскиот центар поради проверки на објектот.

Во електронската пошта која пристигна и до редакцијата на „Слободен печат“ од извесен Graham Klein пишува дека покрај заканата за експлозивна направа во ГТЦ Градски Трговен Центар во Скопје, има поставено бомби и во други објекти : Музеј на Град Скопје (МГС), Музеј ММБ на Адреса 11-ти март, Скопје, Природнонаучен Музеј на Македонија бул. Илинден 83, Археолошки музеј на Македонија Кеј Димитар Влахов 1000, Спомен Куќа / Музеј на Мајка Тереза, ГТЦ Градски Трговен Центар Скопје, Шопинг центар Ист Гејт Мол, Трговски центар Бисер, Станбена зграда Агора Флатирон, Станбените кули Џевахир, Управен суд на Македонија Даме Груев 6, Скопје, Куќата на Претседателот – Вила Водно.

Исто така закана има и за Хотел Мариот (Плоштад на Скопје), хотел Александар Палас, Спортски Центар Борис Трајковски, Централната Железничка Станица Скопје и
Зградата на Фудбалска Федерација на Македонија (ФФМ).
Во моментов се уште нема официјална потврда од МВР за случајот но службите на обезбедувањето започнаа со евакуација на луѓето во Градскиот трговски центар.

Кабинетот на претседателот ги почитува насоките на Министерството за внатрешни работи и примената на стандардните протоколи во вакви прилики, велат од Кабинетот на шефот на државата во врска со денешната информација дека на електронските адреси на повеќе институции и објекти, меѓу кои и во вилата на претседателот изутринава се пристигнати закани за поставени експлозивни направи.

-Во врска со вашите прашања потврдуваме дека утрово, на 21 февруари 2023 година од страна на Министерството за внатрешни работи бевме информирани дека има дојава за поставена бомба во местото на домување на претседателот. Кабинетот на претседателот ги почитува насоките на Министерството за внатрешни работи и примената на стандардните протоколи во вакви прилики, велат од Кабинетот.

Нагласуваат дека претседателот Пендаровски денеска ќе ги извршува редовните работни обврски согласно планираната агенда на активности.

Вчера, како што информира МВР, дојави за поставени експлозовни направи пристигнаа на електронските адреси на 10 училишта и аеродромот во Скопје, како и кај четири во Прилеп, за кои по спроведените проверки од тимови за антитерористички проверки е утврдено дека станува збор за лажни пријави.