Најавена кривична пријава против одговорните за колапсот на ФЗОМ

Со оглед на фактот дека повеќе денови доцни платата на здравствените работници, Независниот синдикат на државна администрација, денеска на прес-конференција информираше дека е формирана правна комисија, што ќе изготви кривична пријава, против „лицата коишто го довеле Фондот за здравствено осигурување во ваква ситуација“.

– Имено, Република Македонија низ годините вложува во ИТ системот, но вложувањето не е само да вложиш, туку тој систем треба и да се одржува. Со оглед на фактот дека години наназад, најмалку десетина години, тој систем на Фондот крахира на моменти. Иако не до оваа мера како што е денеска. Во таа насока, бараме како синдикат, да почне да има и лична одговорност на лицата коишто се на позиција да организираат и спроведуваат правила и закони. Во таа насока, правниот тим на Синдикатот, ќе поднесе кривична пријава в петок. Мора некој да понесе одговорност, рече претседателот на Синдикатот, Горан Ристески.

Тој нагласи дека нема бенефит, иако во јавноста имало информации дека државата вложила толку многу пари за надградба на софтвер и за негово одржување. Наместо тоа, додаде Ристески, крахира Фондот, а од неговото функционирање зависат и граѓаните осигуреници и здравствените работници.

Во името на здравствените работници, се обрати доктор Дијана Јанкуловска, која рече дека се пробиени сите рокови за исплата на плата и надоместоци.

– Многу сме револтирани и бидејќи овие денови додека доцни плата, никој од Фондот не излезе да каже во што е проблемот. Ние сме даватели на услуги и Фондот е тука заради нас. Не сме ние заради него. И обврска и човечка и морална и законска е, да се излезе и да се каже во што е проблемот. Секако, ние имаме разбирање, трпение, ако имало каков било проблем од технички аспект. Меѓутоа, револтот е уште поголем што немаме официјални информации, нагласи таа, потсетувајќи дека во тој сектор има и многу чувствителни податоци на здравствени работници, но и на осигурениците.

Таа додаде дека здравствениот систем во една држава е еден од главните столбови, па кога таму се случува крах, тогаш во прашање е доведена и стабилноста на една држава.

На прес-конференцијата беше изразено уверување оти проблемот ќе се надмине, но јавно беше упатено прашање дали и наредниот месец ќе има проблем и дали во иднина системот со податоци ќе биде заштитен. Затоа што, како што беше нагласено, постои страв од злоупотреба на податоци. Беше нагласено дека ќе имаат трпение, но ако до крај на неделава не се исполнат ветувањата, ќе се пристапи и кон протести.

Независниот синдикат на државна администрација соопшти и дека испратил писмени барања за средби во Владата, Министерството за здравство и ФЗО, со цел изнаоѓање на решение за проблемот.

Од Синдикатот, меѓу другото, информираа и дека нивни членови барале организирање на штрајк, а самоиницијативно планираат и протест на 24 февруари.