Боки-13 и пиша на амбасадорката Агелер: Имам сензитивни податоци за коруптивни дејствија на лица од највисоки државни структури

Осудениот Бојан Јовановски со прекар Боки 13 за тортурата со која се соочува, како и за незаконското постапување на судските власти, известување упати и до Амбасадата на САД и нејзината екселенција амбасадорката Анџела П. Агелер. Заедно со дописот, ги испрати и сите судски одлуки и документација. Јовановски упати замолница да биде посетен во КПУ Идризово од нејзина страна или пак од друго лице делигирано од нејзина страна.

о писмото до амбасадорката Анџела П. Агелер, осудениот Јовановски вели:

„Јас осудениот Бојан Јовановски со прекар Боки 13, осуден на казна затвор за предметот познат во јавноста како Рекет, со овој писмен поднесок до вас сакам да ве запознаам и да ве известам за целата тортура која ја доживувам, покрај тоа што сум осуден без докази за сторено кривично дело, туку поради интереси на политичките и бизнис моќници во нашата држава.

Во моментов се соочувам со сериозна тортура и незаконито и криминално постапување од страна на судските власти, поточно од страна на Основниот кривичен суд Скопје, па оттука чувствувам за потребно да ве известам за реалните состојби во нашиот правосуден систем, дотолку повеќе што за истите мои наводи располагам со докази.

Со оглед на вашата императивна заложба за владеење на правото во нашата држава, чувствувам за должност да ви ги приложам следните документи од кои неспорно ќе можете да утврдите тенденциозно и незаконито постапување од страна на судот и поигрување со човечки живот, особено важно што мојата здравствена состојба е со животно загрозувачки карактер, согласно сите медицински докази кој ви ги доставувам во овој писмен поднесок заедно со судските одлуки од каде неспорно ќе можете да ја утврдите селективноста и незаконитото постапување на судот, дотолку повеќе што за ова судско решение изразувам основано сомневања дека е фалсификувано и антидатирано, за кое сомневање иницирав постапки пред надлежните правосудни органи.

Молам за помош од ваша страна и молам во најкус можен рок да ме посетите во КПУ ИДРИЗОВО, вие или друго службено лице кое би било делегиран од ваша страна од причини што ценам дека е потребно и значајно со вас да споделам важни и сензитивни податоци со кој располагам а истите се од крајно сериозен карактер и директно се поврзани со коруптивни дејствија на поединци и криминал поврзан со лица од највисоки државни структури. Во тоа име, ве молам за заштита од ваша страна, бидејќи се соочувам со реални закани по мојот живот, особено поради тоа што инволивираните лица поседуваат реална моќ и влијание.

Во прилог на овој писмен поднесок ви ја доставувам комплетната медицинска документација и судските решенија погореопишани и ве молам за брза реакција.