Ќулавкова: Еден говорител на јазик на популација од 20 отсто има поголеми јазични права од уставното право на македонските говорители
Колумна на академик Катица Ќулавкова за македонскиот јазик и за новиот предлог на Законот за македонскиот јазик
Статусот на македонскиот јазик како службен јазик на територијата на целата држава е утврден со Уставот на Република Македонија уште во македонската република во составот на некогашна Југославија по Втората светска војна.
Овој статус на македонскиот јазик како службен на целата територија на Република Македонија, од што произлегува неговата улога на интегративен фактор на општеството и должност на сите институции, но и граѓани на Републиката, да го учат, познаваат и да го употребуваат македонскиот јазик во службената комуникација, беше потврден и со Уставот на независна Република Македонија, а подоцна и со амандманите произлезени од Охридскиот рамковен договор 2001.
Од 1998 година постои и Совет за употребата на македонскиот јазик при Министерството за култура на Република Македонија.
Во 2008 година е донесен Закон за употреба на јазикот што го зборуваат 20 отсто од населението.
Во јануари 2019 е донесен нов Закон за јазиците (објавен во „Службен весник“ без потпис на претседателот на државата) и со него, во членот 1, алинеја 2 е утврдено дека „друг јазик што го употребуваат најмалку 20 отсто од граѓаните (албански јазик), исто така, е службен јазик и неговото писмо, согласно овој закон“.
Во продолжение на овој Закон за јазиците, во фокусот е всушност употребата на тој јазик во заградата, албанскиот јазик. И покрај тој уставно загарантиран статус на македонскиот јазик, со Законот за јазиците, како и во практиката, употребата на македонскиот јазик во државните институции и органи, како и во општеството, постепено се ограничува и се деградира. Дури и постоењето на едно лице кое го зборува албанскиот јазик е доволно за да може и да мора службено да се употребува албанскиот јазик во сите органи на власта, законодавни, извршни и судски. Еден говорител на јазик на популација од 20 отсто има поголеми јазични права во практиката од уставното право на македонските говорители.
Тоа упатува на заклучокот дека со Законот за јазиците е оштетено стекнатото историско културно, јазично и национално право на Македонците по однос на македонскиот јазик како службен државен јазик (на територијата на целата држава). Тоа ја релативизира до степен на укинување обврската на граѓаните на Републиката да го учат македонскиот јазик и да го употребуваат во практиката.