Ако Алијанса влезе, Алтернатива излегува од Владата? Партијата на Гаши вечерва ќе одлучи
Партиското раководство на Алтернатива вечерва на средба во Гостивар ќе одлучува какви чекори ќе преземат во однос на евентуалниот влез на Алијансата за Албанците (АА) во Владата, потврдија за МИА од партијата.
Алтернатива во неколку наврати досега нагласуваше дека нема потреба од проширување на владиното мнозинство со Алијанса за Албанците бидејќи тоа е стабилно, потенцирајќи дека договорот за коалицирање треба да се почитува.
„Ние кога станавме дел од оваа влада, потпишавме договор за коалицирање и тој договор треба да се почитува. Нашите пратеници се стабилни и се дел од владиното мнозинство. Што се случи во меѓувреме? Каде исчезнаа пратениците? Тоа ние не го знаеме. За тоа нека размислуваат тие што изгубија пратеници“, рече неодамна секретарот на партијата Зеќирија Ибрахими.
Тој истакна дека договорот за коалиција го потпишале со поранешниот премиер Зоран Заев, од кого побарале гаранции дека ќе биде испочитуван и од новиот премиер Димитар Ковачевски.
„Договорот за коалицирање го потпишавме со Заев, од кого побаравме гаранции дека ќе биде испочитуван и од новиот премиер Ковачевски. Ни беше ветено дека тоа што е договорено и потпишано ќе важи до наредните избори. Сега некој преговара за нашите позиции без да нè информира. Не е политички , коректно. Ние сè уште не ги добивме ресоритe што ги договоривме, сега ни велат да ги пуштиме и овие што ги имаме. Како да им веруваме на овие луѓе? На Алтернатива не ѝ смета Алијанса за Албанците да влезе во Влада, нам ни смета кога некој не го почитува тоа што го договоривме“ изјави Ибрахими.